„Не јадете, не пијте и не допирајте ништо“ – Предупреден преговарачкиот тим на Украина во Истанбул – ММС
ММС

Објавено на: 03/29/22 1:25 PM

„Не јадете, не пијте и не допирајте ништо“ – Предупреден преговарачкиот тим на Украина во Истанбул

Шестата рунда мировни преговори меѓу Киев и Москва со цел прекин на огнот во Украина се одржува во Истанбул. Украинскиот министер за надворешни работи Дмитро Кулеба непосредно пред почетокот на разговорите во палатата Долмабахче ги советувал членовите на киевската делегација „ништо да не јадат и пијат“.

Кулеба дури рече дека членовите на украинската делегација „избегнуваат да допираат какви било површини“. Тој го објави ова предупредување на украинската телевизија, а тоа уследи по сомнежот за труење на рускиот милијардер Роман Абрамович и украинските преговарачи на почетокот на овој месец на мировните преговори на границата меѓу Украина и Белорусија, јавува Би-Би-Си.

Новинската агенција Тас објави дека рускиот бизнисмен и милијардер Роман Абрамович е во Истанбул, каде се водат преговори меѓу делегациите на Русија и Украина.

На изјавата на Кулеба брзо реагираше и портпаролката на руското Министерство за надворешни работи, Марија Захарова, која на својот профил на Телеграма напиша:

„Да. Сега е јасно зошто украинските безбедносни сили во Киев го убиле нивниот преговарач Денис Киреев – тој јадел, пиел и ги допирал површините во преговорите со Русија“, рече таа.

Извор: Мондо