„За нас ова е меч на животот, нема Светско без нас“ – Се исплаши ли Роналдо од Македонија и предвремена пензија? – ММС
ММС

Објавено на: 03/29/22 10:16 AM

„За нас ова е меч на животот, нема Светско без нас“ – Се исплаши ли Роналдо од Македонија и предвремена пензија?

Фудбалерите на Португалија и Македонија вечерва во  Порто на „Драгао“ (20.45) ќе одлучуваат за патник на Светското првенство во Катар, а мечот го најави најголемата ѕвезда Кристијано Роналдо.

Селекцијата предводена од Благоја Боби Милевски бара уште едно чудо откако со голот на Александар Трајковски во 92-та минута го елиминиравме европскиот првак Италија. Затоа капитенот на Португалија и можеби најдобриот фудбалер на сите времиња, Кристијано Роналдо повикува на претпазливост. Тој има полни 37 години и е свесен дека вечерва ако Македонија слави и се пласира на Светското првенство, тоа ќе значи пензионирање од репрезентативниот дрес.

„Притисокот е секогаш присутен. Навистина сакавме да ја играме оваа игра. Ќе биде многу тешко. Ако е Македонија тука, тоа е затоа што тоа го заслужува. Македонците се многу организирани, но ако бидеме најдобро можеме да ја победиме секоја репрезентација во светот“, изјави Роналдо.

Португалците се свесни за еуфоријата во која се наоѓаат играчите на Северна Македонија, што дополнително ја подгреа селекторот Милевски со зборовите „Нема да застанеме тука“.
Ова е супер важен натпревар за Роналдо опишувајќи го како „натпревар на животот“, и покрај тоа што толку многу победи во кариерата.

„За нас тоа е игра за цел живот. Ја цениме безрезервната поддршка во претходниот натпревар. Би сакал и утре химната да се пее без музика. Ако атмосферата биде како во четврток, сигурен сум дека ќе победиме“, заклучи Роналдо.

Капитенот на португалската репрезентација Кристијано Роналдо порача дека неговите соиграчи нема да ги потценат македонските фудналери и најави оти очекува сигурен пласман на Мундијалот во Катар.

-Утре е финале и ние сме подготвени. Дали сме фаворити? Јас секогаш се сметам себе си за фаворит, без оглед дали играм на домашен или гостински терен. Свесни сме дека со победа ќе се пласираме на Светското првенство и затоа имаме голема одговорност да го добиеме овој натпревар, изјави Роналдо на денешната официјална прес – конференција во Порто.

Македонските фудбалери стигнаа до финалниот бараж во мундијалските квалификации совладувајќи ги на патот Германија и Италија на гостински терен, но португалскиот капитен рече дека тоа нема да се повтори утревечер на стадионот „Драгао”.

– Тие изненадија на многу натпревари, но убеден сум дека нас нема да не изненадат. Португалија ќе победи и ќе игра на Светско првенство. Нема Светско првенство без Португалија, изјави Роналдо.

А пак, македонскиот репрезентативен голман, Столе Димитриевски најавува максимална борбеност против Португалија во вечерашното финале од плејофот за пласман на Светското првенство 2022.

– Наше е да излеземе на „Драгао” и да го дадеме најдоброто од себе. Ништо повеќе, ништо помалку. Овој меч е тоа што го посакувавме цел живот. Го заслуживме и ќе се бориме да го оствариме сонот. Нашиот и на цела Македонија, изјави Димитриевски за „Видеолотарија Касинос Австрија” партнерот на „црвено-жолтите”.

На својот 54-ти настап во националниот дрес, Димитриевски сигурно ќе биде изложен на огромни искушенија, соочен со налетите на еден од најдобрите фудбалери во историјата на оваа игра, Кристијано Роналдо, меѓутоа и на неговите вонсериски колеги од репрезентацијата како Бруно Фернандеш, Диого Жота, Жоао Феликс…

– Ќе биде исклучително тешко. Португалија е една од најсилните светски репрезентации. Имаат неверојатен индивидуален квалитет, покриени се на сите позиции и секако дека влегуваат како фаворити. Треба да го исполниме тоа што од нас го бара селекторот. Секој ја знае својата задача и мора да бидеме максимално фокусирани. Веруваме во себе и ќе излеземе со желба и мотив да испишеме историја за македонскиот фудбал, додаде Димитриевски.

Во негова чест, Кумановци изработија мурал и на овој начин здружението „Форма” им дава поддршка на македонските репрезентативци.

– Самоиницијативно го изработивме муралот, поттикнати од успехот на македонската репрезентација и особено сакаме да ја искажеме поддршката за нашиот сограѓанин, Столе Димитриевски. Им поскауваме успех на македонските фудбалери, изјавија Младен Трендевски и Дејвид Стоилковски кои го изработија муралот.

Утре, на градскиот плоштад во Куманово со почеток во 20:30 часот граѓаните ќе можат преку видео-бим да го проследат натпреварот со Португалија, информираа од општината. Натпреварот преку видео-бим ќе се следи и во Велес и во Штип, а организирано следење најавија уште неколку градови низ земјава.

Орце Костов

фото: Вангел Тануровски

фото: Twitter