На МРТ во вторник наместо Португалија-Македонија ќе гледаме снимка од „Оскари“ – ММС
ММС

Објавено на: 03/27/22 11:00 AM

На МРТ во вторник наместо Португалија-Македонија ќе гледаме снимка од „Оскари“

Во Долби театарот во Лос Анџелес вечер ќе се одржи 94. доделување „Оскари” – светски најпрестижната филмска награда, што ја доделува Американската академија за филмски уметности и науки.

Кај нас пренос ќе врши Македонската радио телевизија со почеток во 30 минути по полноќ.

Скратена снимка од Оскаровското шоу во траење од два часа ќе се емитува во вторник во 20:45 на МТВ.

И токму овој термин ќе предизвика лавина реакции и револт кај фудбалските фанови затоа што во тој момент Македонија во Порто ќе го одигра својот најважен натпревар во историјата, а Македонската радио телевизија како национален радиодифузер наместо него, ќе емитува снимка од Оскаровското шоу.

Ова не е првпат МРТ да не пренесува некои најважни спортски натпревари, а образложението оттаму е дека ТВ-правата ги има некој друг и не може да се интервенира.

Точно е дека правата за пренос на квалификациите за СП 2022 и бараж натпреварите го има хрватскиот Спортклуб кој за волја на вистината обезбеди и македонски коментар од натпреварите на Македонија, но мечот со Италија не го видоа македонските граѓани кои се приклучени на операторот А1 затоа што тој нема договор за реемитување на каналите на Спортклуб. Можност да го гледаат мечот Италија – Македонија во Палермо кој го добија нашите фудбалери со 1-0 имаа корисниците на Телеком и на Телекабел, како и оние фанови кои фатија некој бесплатен стрим на интернет.

Илјадници фанови по победата упатија многу критики кон јавниот сервис, а најгласен беше спортскиот коментатор во пензија и некогашен пулен на МРТ и нејзин заштитен знак, Атанас Костовски.

– Јас го гледав натпреварот во спортска обложувалница, затоа што МРТ не ми обезбеди пренос од најважниот натпревар, а мојот оператор нема договор за реемитување на Спортклуб. Ако МРТ и државата не успеат да најдат начин да го пренесуваат натпреварот со Португалија во вторник, го повикувам раководството на јавниот сервис веднаш да си поднесе оставка и да си замине оттаму – рече Атанас Костовски во утринската програма на Телма.

Доделувањето на најпрестижните филмски награди во светот, кое ќе се одржи во театарот Долби во Холивуд и Хајланд, Холивуд, ќе го пренесуваат преку 200 земји во светот.

О.К.

фото: ФФМ/МРТ