Земјоделците од прилепско засилени со присуството на лозаро-овоштаите од кавадарчко, денеска протестираа на влезот од Прилеп, блокирајќи го патот Прилеп – Градско, барајќи одговор од владата за прашања. Едно од најважните е има ли план државата како да ги замени пазарите, кои заради војната и санкциите, сега се изгубени.
Земјоделците зборуваа за проблемите со кои се соочуваат, особено сега со покачувањето на цените, поради што побараа помош од државата за поевтинување на производството на храна.
Земјоделците истакаа седум главни барања:
-Мерката ЗЕЛЕНА НАФТА да важи за сите земјоделски гранки и да биде 100% ослободена од акциза и ДДВ, како и промена на досегашната методологија со нова во која исплатата ќе биде во литар по единица површина.
-Важноста на мерката да почне веднаш.
-Итно процентуално зголемување на субвенциите во сите земјоделски гранки со процентуалното зголемување на трошоците за живот и процентуалното зголемување на минималната плата и нивна исплата пред почетокот на секоја производна сезона.
-Субвенционирање на вештачките ѓубрива во сите земјоделски гранки и укинување на ДДВ за сите вештачки ѓубрива и хемиски препарати кои се користат во земјоделството.
Субвенционирање на придонесите на сите регистрирани земјоделци во државата.
-Ослободување од концесија на државно земјиште, пашарина, наводнување и одводнување за 2022 година.
-Изготвување на анализи за производна цена на секој земјоделски производ како и гаранција од државата за минимална заработка на производителите од најмалку 30% од производната цена на производите како и гарантирање на исплатата од страна на трговците (банкарска гаранција).
-Покрај традиционалните, ИТНО изнаоѓање на алтернативни пазари за сите земјоделски култури.
Министерот за земјоделство Љупчо Николовски, денеска од Штип изјави дека протестите се партиски мотивирани.
Николовски упати порака дека не е во ред во ова време на неколку кризи да се профитира и да се прават вакви потези на грбот на граѓаните заради некакви ситни политички поени кои, вели нема никој да ги добие.
Посочи дека на земјоделството не му треба партизација и политизација, заради тоа што тие како ресорно Министерство и Влада се мобилизирани како да ги решат проблемите и како да се спаси годината.
Објавено на: 03/26/22 3:30 PM