Ниту 4,6 милиони одговори не беа доволни ЕУ да го укине летното сметање на времето – ММС
ММС

Објавено на: 03/26/22 3:04 PM

Ниту 4,6 милиони одговори не беа доволни ЕУ да го укине летното сметање на времето

Ноќеска стапува летното сметање на времето, кога стрелките на часовникот ќе се поместат еден час напред, односно наместо 2 часот ќе се смета за 3 часот. И оваа година ЕУ не беше решителна дека промена на времето не треба да има.

Веќе неколку години се води расправа за тоа дали треба да се укине летното сметање на времето. Дури во 2018 година Европската унија беше на чекор до донесување одлука за нејзино укинување. Тогаш Европската комисија официјално предложи да се укине практиката на поместување на часовникот во Европската унија. Комисијата во летото 2018 година отвори јавна расправа за ова прашање и доби 4,6 милиони одговори.

Според тогашните европски медиуми, јавната дебата била резултат на притисокот на Европскиот парламент, земјите членки, бизнисите и граѓаните. Резултатот од јавните консултации беше дека 84 отсто од нив изјавиле дека треба да се укине летното сметање на времето.

Во март 2019 година, Европскиот парламент гласаше за укинување на поместувањето на времето двапати годишно во 2020 година, а на земјите-членки им беше даден рок до април 2020 година да одлучат дали ќе користат летно или зимско сметање на времето.

Планот беше земјите кои потоа ќе изберат да останат на летно сметање на времето повеќе да не го поместуваат часовникот, додека оние кои избраа зимско сметање на времето на 31 октомври 2020 година ќе го поместат часовникот уште еднаш, по што ќе ја укинат оваа практика.

Сепак, тоа никогаш не се оствари. Во март 2020 година беше прогласена пандемија на корона вирусот, во повеќето европски земји беа воведени строги епидемиолошки мерки, а прогласувањето на ова прашање не беше наметнато како еден од приоритетите. Досега не е донесена одлука дали ќе се користи летно или зимско сметање на времето.