(видео) Тешка е работата на нива – 100.000 хектари плодно земјиште стои необработено – ММС
ММС

Објавено на: 03/26/22 2:33 PM

(видео) Тешка е работата на нива – 100.000 хектари плодно земјиште стои необработено

Ако Украина не посее пченица во текот на април – мај, светот ќе се соочи со недостаток на брашно. Дури и ако брзо заврши војната, пак ќе има недостиг на пченица. Само до пред 20 години Македонија беше извозник на жито, додека сега зависиме од увезената пченица. Ова во емисијата Стадион на Канал 77 го кажа Горан Малишиќ од Мелничко – пекарската комора.

Според него, ние ланската година имаме увезено околу 80.000 тони пченица и 30.000 тони на брашно. Потребата на државата од брашно месечно е околу 12.000 -13.000 тони месечно, рече Малишиќ.


Не така многу одамна македонските земјоделци произведуваа не само за дома, туку прехрануваа и дел од регионот.

-Во 2006 година имавме суфицит на извоз кон Србија и Црна Гора од 300 милиони долари, додека денеска ние сме во дефицит од над милијарда евра со Србија. Сакам да кажам колку нашето земјоделско и индустриско производство е намалено во контекст на претходното. Со субвенционирањето во Србија и домашното производство и преработувачите беа субвенционирани. Сега во 100.000 хектари земјиште не се обработува – државно и приватно. Има начини да се поттикне обработувањето на земјата. Во Словенија на пример, има закони, според кои мора да се обработува земјата, ако не ќе плаќаш пенали. Мора да ги стимулираме земјоделците, а не да ги обесхрабруваме, кажа Малишиќ.

Нема каде да се најде пченица во светот, па ќе дојде време кога земјите ќе имаат пари, но ќе нема каде да ја купат, е ставот на Малишиќ, кој смета дека конечно треба да се примени српскиот модел на субвенционирање и за производителите и за преработувачите.

-Косово носи мерки за наредни 5 години за вкупна субвенција од 474 евра по хектар, додека кај нас е 100 евра. 2500 денари за ѓубриво на е доволно. Ние со години бараме два денари субвенции на предаден килограм за земјоделците и еден денар за преработувачите, објасни Горан Малишиќ од Мелничко – пекарската комора, според кого, преработувачите немаат интерес да откупуваат, а произведувачите немаа интерес да произведуваат.