Македонија ќе биде вклучена во Платформата за заедничко купување течен гас (LNG) што го договорија ЕУ и САД.
Ова го соопшти министерот за надворешни работи Бујар Османи, откако ноќеска Европскиот совет донесе одлука за колективна набавка на гас и други извори на енергија во име на земјите членки со цел да се намали зависноста од гас и нафта од Русија.
– Тоа што е важно е дека земјите од Западен Балкан за прв пат се вклучени рамноправно во овој нов механизам за набавка на гас и нафта, што значи дека колку што ќе имаме потреби за гас и нафта Европската комисија ќе набавува во наше име што не беше случај за вакцините односно кога Европската комисија исто вака набавуваше вакцини за земјите членки, сега сме рамноправно вклучени. Ова значи дека кај нас тоа ќе влијае во намалената зависност бидејќи добиваме на цена и дава одредена сигурност, рече Османи на претпладневната средба со новинари.
Европскиот Совет во Брисел овие заклучоци ги донесе по состанокот на лидерите на ЕУ со претседателот на Соединетите Американски Држави Џо Бајден. Меѓу заклучоците за заедничките политики на ЕУ и САД како одговор на оваа неприфатлива воена агресија во Европа, кои се однесуваат на помошта за Украина и за соодветно прифаќање на бегалците и менаџирање на хуманитарната криза, донесени се и повеќе заклучоци кои се однесуваат на справување со последиците од економската криза со посебен акцент на енергенсите.