Изречените мерки на трговците од страна на инспекциите, што наголемо се коментираат во јавноста, се тема на емисијата Стадион на Канал 77, каде Горан Малишиќ од Групацијата на мелничко – пекарската индустрија изнесе неофицијално сознание за изречените казни.
Имам неофицијална информација, не знам колку е точна дека само на еден трговски ланец му се изречени 70 казни по 7000 евра, рече Малишиќ, во коментар за интензитетот на работата на инспекциите и изречените казни.
Информацијата ја демантира директорката на Државната пазарна инспекција, Анета Симеска Димоска.
-Ова не е точно. Шпекулации се, ги имам информациите и за објекти и казни. Можеби во тој голем трговски ланец се извршени 70 надзори, но не се изречени 70 казни. Имаме еден ланец маркети, каде во 3-4 објекти се изречени казни, но е далеку од 70, одговори Симеска Димоска.
Според директорката на ДПИ, во изминатите денови имале над 700 надзори само во трговијата и кај 45 трговски објекти, изречени се 92 прекршочни платни налози.
-Вкупната сума по однос на непочитување на владината одлука и Законот за потрошувачи во делот на нечесно однесување е 190.480 евра, што е бројка која е изречена. Најголем дел од казните се платени. Во рок од 7 дена се плаќа половината од сумата, рече во Стадион, Симеска Димеска.
Како што рече директорката, објектите не ги затвараат. Во делот на трговијата по оваа основа нема мерка затварање и додека се врши надзор објектот непречено работи.