Неколку илјади навивачи се собраа вечерва на централниот скопски плоштад „Македонија” за да и ја честитаат на македонската фудбалска репрезентација големата победа над европскиот првак Италија и пласманот во финалето од мундијалскиот бараж.
На насобраните симпатизери им се обрати капитенот Стефан Ристовски, најавувајќи беспоштедна борба и во вторник против Португалија, против последниот противник на патот до историски пласман на Светско првенство
Капитенот на македонската фудбалска репрезентација Стефан Ристовски изјави вечерва по пристигнувањето на експедицијата од Палермо дека победата над Италија во полуфиналето од мундијалскиот бараж ќе остане запаметена во колективната меморија.
– Сè уште сме под еуфорија. Вакви големи победи за овој народ засекогаш ќе останат запаметени, изјави македонскиот капитен, најавувајќи дека пред неговите репрезентативни колеги следува прослава со навивачи и малку одмор, а веќе од утре подготовки за гостувањето во Порто.
Капитенот рече дека успешните резултати на репрезентацијата се заслуга на сите, но притоа особено ја истакна улогата на помладите во тимот.
– Среќен сум бидејќи во тимот имаме млади играчи, кои го даваат својот максимум и со нивна помош постигнуваме вакви големи резултати, додаде Стефан Ристовски.
Во скусена славеничка програма поради строгите ковид – протоколите пропишани од УЕФА, кои не дозволуваат групирање на фудбалерите со луѓе надвор од тимот, присутните навивачи ги поздравија неколкумина репрезентативци, придружувани од селекторот Благоја Милевски.
Македонската фудбалска репрезентација в недела треба да замине за Порто, каде во вторник од 20:45 часот ја очекува финалето во мундијалскиот бараж против Португалија на стадионот „Драгао”, чиј капацитет од 48.000 гледачи, според најавите, ќе биде распродаден.
фото: В. Тануровски