Респект Македонија, добри сте – Португалците внимателни пред финалето против македонските фудбалери – ММС
ММС

Објавено на: 03/25/22 1:06 PM

Респект Македонија, добри сте – Португалците внимателни пред финалето против македонските фудбалери

Респект и внимателност преовладуваат во изјавите на португалските фудбалери, кои по вчерашниот триумф над Турција (3-1) пред 48.000 гледачи на стадионот „Драгао“ во Порто, во вторник на истото место ја пречекуваат македонската репрезентација во рамки на финалниот бараж за пласман на Мундијалот во Катар.

– Ваквите натпревари се финале, а финалето секогаш е комплицирано. Го победивме првото (финале), а сега треба да го победиме второто. Овој натпревар (против Турција) е завршен и сега нашиот фокус е кон Македонија, што несомнено ќе биде многу тежок дуел. Самото тоа што тие ја победија Италија значи дека ќе ни биде многу тешко, изјави португалскиот селектор Фернандо Сантош за националната телевизија РТП.

Столбот на португалската одбрана Данило истакна оти не е изненаден од пласман на македонските фудбалери во финалето.

– Не сме изненадени од тоа што го направи Македонија. Тие имаа одлични мундијалски квалификации. Тие се многу добро организиран и борбен тим. Нивната победа (над Италија) не беше изненадување, изјави Данило за истиот извор.

Комплименти за квалитетот на македонската репрезентација пред дуелот на „Драгао“ во вторник од 20:45 часот изнесе и португалскиот играч од средниот ред Матеус Нунеш.

– Сега треба малку да се одмориме и да се подготвуваме за натпреварот против Македонија. Тие го заслужуваат целиот наш респект. За да ја победиш Италија мора да поседуваш квалитет и не смееме да си дозволиме да помислиме дека ќе ни биде лесно, порача фудбалерот на Спортинг.

МИА