Европскиот „крш“ се враќа во ЕУ – Автомобилите со бугарски таблички ќе завршат на плац во Бугарија – ММС
ММС

Објавено на: 03/25/22 11:20 AM

Европскиот „крш“ се враќа во ЕУ – Автомобилите со бугарски таблички ќе завршат на плац во Бугарија

Македонски граѓани кои возат автомобили со бугарски регистарски таблички се обиделе да влезат во земјава на граничните премини Деве Баир над Крива Паланка, Делчево и во Ново Село, Струмица, но имале дозвола за влез само ако ја поминат границата пеш, а возилата ги остават на бугарска територија.

Но, тоа важи само за возилата со „еуро3“ стандард затоа што во земјава може да се увезе кола со најмалку „еуро4“ стандард.

– Да, точно е дека возилата не се пропуштаат на граница и неколку пријатели ги оставија автомобилите на автоплац затоа што не можат да ги регистрираат. Јас имам возило со бугарски таблички кое има „еуро3“ стандард и тоа не може да се регистрира на македонски таблички односно не можам ниту да платам царина за него. Пред да му истече регистрацијата во Бугарија, ќе го однесам таму и ќе го продадам на автоплац затоа што нема да ми дозволат да го внесам назад. Но, бидејќи го користам во моментов многу, наскоро во Бугарија ќе патувам со рент-а-кар за да не ми го одземат пред да му истече регистрацијата – рече возач од Струмица за ММС кој исто така е затекнат од ова правило и се чувствува дискриминиран во однос на другите возачи затоа што сега ќе мора да го продаде возилото и да инвестира во поново.

Тој рече дека има уште една варијанта за возачите кои имаат бугарски возила без да ги царинат во Македонија: да ги остават шест месеци на плац во Бугарија, па потоа да влезат со нив во Македонија, но тоа е неизводливо за најголемиот број на возачи.

Од Царинската управа за ММС објаснија дека немаат сознанија дека автомобилите се оставале на граница, а возачите поминувале пеш. Оттаму упатија да го цитираме известувањето за прописите кои го регулираат привремениот уоз на транспортни средства.

„ Појаснуваме дека привремен увоз значи царинска постапка според која одредена стока, вклучувајќи и транспортни средства, може да се внесе во царинското подрачје со целосно ослободување од плаќање увозни давачки и повторно да се извезе во одреден рок во непроменета состојба, при што условите и начинот на одобрување е регулиран со Конвенцијата за привремен увоз – Истанбулска Конвенција, одредбите од Царинскиот закон(членови 150-157) и одредбите од Уредбата за спроведување на царинскиот закон (членови 367-374). За сите подетални информации, граѓаните може да се обратат до Царинската управа на електронска адреса: info@customs.gov.mk или на телефонски број 02 3 293967 или на 02 3 293972  и ќе ги добијат сите подетални информации поврзани со оваа постапка“, стои во известувањето.

Од Министерството за внатрешни работи посочија дека Царинската управа може да побара од нив помош да изврши дополнителни проверки на возила со странски регистарски таблички управувани од македонски државјани, но тоа „во никој случај не значи дека возила со странски регистарски таблички не може да влезат во земјата за што говорат и статистичките податоци“.

„Согласно Законот за гранична контрола, граничните  проверки се  спроведуваат на граничните премини со цел да се провери дали да им се одобри на лицата и нивните превозни средства и предметите што ги поседуваат да влезат на територијата на Република Северна Македонија или да им се одобри да излезат од неа. На лица и возила, вклучувајќи ги и возилата со странски регистарски таблички им се дозволува непречен влез и излез од државата секогаш кога се исполнети законските услови за тоа, за што говори и бројот на странски возила кои на дневна/неделна/месечна основа остваруваат влез и излез од Република Северна Македонија. Во делот на националното законодавство кој ја регулира граничната контрола нема законски измени и дополнувања во последниот период“ информираат од МВР.

ММС минатата година објави колку возила со бугарски таблички биле оцаринети откако почна да се применува Законот за регистрација на странски возила со намалени давачки.

Вкупно 3.265 возила со бугарски таблички, најголем дел од нив во сопственост на граѓани кои поседуваат бугарски пасош, биле оцаринети од почетокот на примената на Законот за  регистрација на возила со странски регистерски таблички.

Владата на крајот на ноември 2020 година го усвои предлог-законот и експресно беше донесен од македонските пратеници во Собранието и покрај реакциите на еколошките организации кои сметаа дека ова законско решение само ќе го стимулира носењето на стари возила од Европа во земјава.

Целта на владината одлука беше да се регистрираат возилата со странски таблички со намалени давачки до 50 отсто од утврдената вредност на сите давачки кои се наплатуваат при увоз на возила од страна на надлежните државни органи. Ваквата поволност важеше за сите возила со најмалку еуро4 стандард кои влегле во земјава заклучно со 1 октомври 2020 година и траеше една година, односно до октомври 2021 година.

Владата ја правдаше мерката дека со неа ќе се обезбеди системско регулирање на учеството на возилата со странски регистарски таблички во сообраќајот и дека во државниот буџет од регистрациите ќе се влеат 25 милиони евра. Но, за половина година беа собрани само 400 милиони денари или 6,5 милиони евра од увозни давачки.

Орце Костов

фото: В. Тануровски