Италија немаше пораз дома на 59 квалификации за Светско, но потоа налета на Македонија – ММС
ММС

Објавено на: 03/25/22 9:44 AM

Италија немаше пораз дома на 59 квалификации за Светско, но потоа налета на Македонија

Македонската фудбалска репрезентација со синоќешниот триумф (1-0) во Палермо и го нанесе на Италија првиот пораз на домашен терен во квалификациите за Светско првенство.

Ефектот на Италија до дуелот со Македонија беше 48 победи, 11 нерешени и ниту еден пораз во 59 мундијалски квалификации пред своите гледачи.

Италија беше една од само трите репрезентации која досега немаше пораз во квалификациите за Светско првенство, покрај Шпанија (51-10-0) и Бразил (49-12-0).

Воедно, Италија стана само четвртиот актуелен европски првак, кој не обезбедил пласман на следниот Мундијал, по Грција (2004/06), Данска (1992/94) и Чехословачка (1976/78).

Македонските фудбалери приредија сензација синоќа во Палермо и со голот на Александар Трајковски во 92 минута обезбедија пласман во финалето на мундијалскиот бараж во кое противник во вторник ќе им биде Португалија во Порто.

Македонскиот селектор Благоја Милевски не го криеше задоволството по синоќешната сензационална победа над Италија (1-0), истакнувајќи на прес-конференцијата по натпреварот во Палермо дека е горд на своите играчи.

– Победивме во италијански стил против Италијанците, со гол од два обиди. Многу сум среќен поради оваа победа и горд на овие играчи, изјави Милевски, кој ја однесе македонската репрезентација во финалето од мундијалскиот бараж во кое во вторник на гостински терен противник ќе биде Португалија.

– (Елиф) Елмас се враќа за финалето и ќе ни биде од голема помош. Многу сум среќен поради Трајковски за голот. Знаевме дека Италија е голем тим со многу шампиони, но игравме како што требаше. Пред натпреварот им реков на играчите да се забавуваат и тие го направија токму тоа, додаде Милевски.

МИА

фото: ФФМ