„Душа“ е насловот на најновото музичко издание на познатиот пејач Огнен Здравковски.
Песната е на српски јазик, а исто така и видеоспотот за песната се снимаше во српската престолнина, а режисер е Зоран Зонде Стојановски. Музиката и аранжманот се дело на познатиот Саша Николиќ, кој соработува со скоро сите српски ѕвезди, особено со Марија Шерифовиќ, додека пак текстот е дело на Мира Мијатовиќ, која стои и зад текстот за песната „Оскар“, со која познатиот пејач Аца Лукас се натпреваруваше на изборот за Евровизија во Србија. За микс и мастеринг задолжен беше Лазар Милиќ.
Покрај Огнен, во спотот се појавува и преубавата српска манекенка Невена Гичевиќ, која важи за една од најубавите девојки во Србија. Се снимаше на повеќе локации во Белград, а дел од видеоспотот е снимен во познатиот ресторан „Ритуал“, чиј сопственик е музичката ѕвезда Саша Ковачевиќ, кој пак е многу близок пријател со нашиот Огнен.
“Презадоволен сум од целиот проект. Навистина ја работевме долго време песната со Саша Николиќ, но сметам дека се исплатеше. Исто така морам да го пофалам и Зонде кој направи одлично видео. Сега останува на публиката да си го каже своето, но сигурен сум дека ќе им се допадне“ – вели Здравковски.
Песната и видеото вчера беа премиерно објавени на јутјуб-каналот на „Гранд“, а во наредниот период таа ќе биде и лично промовирана од Огнен во емисиите на оваа позната продукција.