Американскиот бригаден генерал Ник Дучиќ, кој беше и командант на американската база „Бондстил“ на Косово, ја подготвувал украинската војска за одбрана, пишува виенскиот весник „Кронен цајтунг“.
Од 2015 до 2016 година, бригадниот генерал Дучиќ бил стациониран во Јаворив, каде што ги обучувал украинските војници и им ги пренесувал западните воени тактики, тврди виенскиот весник.
„Имам пријатели меѓу украинските војници. Тоа е потресно, но тие живеат под брутален руски напад. Ним и на нивните семејства им ја понудив мојата куќа во САД“, изјави Дучиќ за „Кронен цајтунг“.
Според весникот, Дучиќ бил важна алка во делот што САД го спроведуваат во Украина од 1993 година – програмата за државно партнерство. Станува збор за програма која тесно ја поврзува американската национална гарда со украинската армија, нејзината воздушна одбрана и која доведе до размена меѓу двете армии, а со тоа и до силна модернизација на украинските сили.
„Се обидовме да ја укинеме централизираната командна структура на поранешниот Советски Сојуз. Повеќе слободи за офицерите од понизок ранг, кои тешко можеа да донесуваат одлуки пред падот на челичната завеса“, објасни Дучиќ.
Целта на втората програма за соработка со „ЈМТГ“ била да се воспостави поголема способност за опстанок во борбата против сепаратистите на истокот, нешто што сега, тврди весникот, имало ефекти против голем напад на руската армија.
Мали, независни единици, со снајпери и противтенковски ракети се токму работите кои им нанесуваат големи загуби на Русите долж линијата за снабдување. „Помогнавме да се воспостави нова култура меѓу украинските војници, кои претходно не мрдаа со рацете без наредба“, објасни Дучиќ.
Тој рече дека програмите за партнерство создадоа блиски врски со Украина, кои продолжуваат во овие тешки времиња. Во тоа верува и поранешниот воен аташе и полковник Џефри Фишер. „Видовме нешто слично само на Косово. Таму програмата беше веднаш прифатена и доведе до значителен напредок од вооружените сили“, рече тој.
Малите единици, вели тој, имаат смртоносен ефект, дури и против супериорните противници, доколку се користат правилно. Дучиќ посочува дека едно е јасно по три недели војна, а тоа е дека Русија не ги постигнала своите цели, дека новата украинска армија и противвоздушна одбрана се отпорни и смртоносни.
извор: B92.net