Загрижен родител од Делчево бара да се истражи случај во кој неговиот син Денис Фејзулов, како што тврди е жртва на злоупотреба со подигање кредит. Неговиот син должи сума од над 3000 евра, сума која како податок таткото Невзат ја дознал откако го контактирало женско лице, на личниот телефонски број на неговиот син, која го запознала со случајот.
-Се викам Фејзулов Невзат, татко на Фејзулов Денис, сакам да споделам со јавноста за случајот со мојот син кој гарантирам дека е „измамен”. Контактиран бев од женско лице на неговиот телефон и дознав дека тој должи скоро 200 илјади денари, кои се како долг на негово име, а како е тоа можно, не сум запознаен. Син ми е со умерена попреченост, бев во полиција од каде ми рекоа дека ништо не можат да ми помогнат, бев во социјалните служби од сабајле, ништо и таму не ми кажаа за да ми се помогне, вели загрижениот родител.
Додава дека неговиот син има парични примања од 4500 денари и според него е невозможно да подигне кредит. Затоа бара институциите да се заинтересираат за неговиот случај и да се открие која е позадината за ваквиот случај.
-Сакам да се открие кој стои позади ова, па макар бил и јас инволвиран во таа работа, оти мојот син нема од каде да ги враќа парите. Како вработен во приватна фирма тој зема околу 4500 денари, сега последниот месец, има некое покачување од 4800 денари. Многу сум загрижен, око не склопив од мисли синоќа. Јас сум пензионер со 10.300 денари, а Денис само тие примања се што ги има, додава загрижениот родител.
Упати порака до институциите и Министерството за внатрешни работи да се позанимаваат со овој случај, бидејки тврди дека постојат луѓе кои мамат и лажат, изигрувајки го сиромашниот народ. Случајот го потврдија вработени во надлежни институции. Со дополнителни информации најавија дека ќе излезат по утврдувањето на постапката по кој основ Денис Фејзулов ја должи споменатата сума.
МИА