Зошто со години сме јаделе канцерогени сладоледи и тестенини? ЕУ го забрани адитивот кој се наоѓа во исхраната и козметиката – ММС
ММС

Објавено на: 03/21/22 11:51 AM

Зошто со години сме јаделе канцерогени сладоледи и тестенини? ЕУ го забрани адитивот кој се наоѓа во исхраната и козметиката

Европската комисија неодамна ја забрани употребата на адитивот титаниум диоксид Е171 кој има широка примена во исхраната и е главна состојка во печивата и слатките, а има широка примена и во козметиката.

Состојката Е 171 или титаниум диоксид се користи како боја состојка во козметичките производи како што се пастите за заби и кремите за сончање. Се додава во производството на лекови, но и пластика, хартија, па дури и бетон.

Кога станува збор за храната, Е 171 се додава во тестенини, колачи, супи, гуми за џвакање, сладолед, сосови, слатки и млечни производи.

Од Агенцијата за храна и ветеринарство велат дека ЕУ го забранила адитивот на 14 јануари, па храната која го содржи овој Е171 ќе може да се пласира на пазарот до 7 август 2022 година.

„Согласно Европската регулатива COMMISSION REGULATION (EU) 2022/63 of 14 January 2022 amending Annexes II and III to Regulation (EC) No 1333/2008 of the European Parliament and of the Council as regards the food additive titanium dioxide (E 171), Европската Унија ја забрани употребата на овој адитив како боја во храната.

Храната која  го содржи овој адитив може да се пласира на пазарот до 7 август 2022. По оваа дата може да се продава само храна која го содржи овој адитив, но, не и ако е поминат рокот на употреба, односно, истата може да се продава до истекување на рокот на употреба.  АХВ подготви нацрт Правилник за адитивите што се употребуваат во производство на храната со кој ќе се хармонизираат овие европски одредби во овој национален правилник. Постапката за донесување на овој правилник е во процедура“, рекоа за ММС од Агенцијата за храна и ветеринарство.

Овој адитив не е аларматно опасен по здравјето, но создава одреден ризик и затоа повеќе не се смета за безбеден. Доколку честичките се акумулираат премногу во телото по конзумирањето, не може да се исклучи генотоксичност, односно оштетување на ДНК и канцерогени ефекти.

„Согласно евалуацијата на расположливите достапни научни докази на Европската Агенција за безбедност на храната – EFSA, не може да се исклучи загриженоста во однос на генотоксичноста на титаниум диоксидот како адитив во храната и заради тоа EFSA овој адитив не го смета за безбеден за употреба како адитив во храната“, рекоа од АХВ.

Засега забраната се однесува исклучиво на прехранбените адитиви, но одборот за проценка на ризик на Европската агенција за хемикалии го прогласи титаниум диоксидот во 2017 година како „веројатно канцероген за инхалација“.

Прехранбените производи како што се десерти, моцарела, супи во кеси, сладоледи, гуми за џвакање, колачи, преливи за салати изгледаат посвежо и попривлечно ако го содржат додатокот Е171.

Способноста на оваа супстанца да ја рефлектира светлината и бојата во бело довела до нејзина примена не само во прехранбената индустрија туку и во производството на козметички препарати како пасти за заби со ознака CI77891, креми за лице и раце, креми за сончање. Титаниум диоксидот, исто така, често се наоѓа во лепила, гуми, лакови, па дури и бетон.

„Со години се сомнева дека титаниум диоксидот може да предизвика рак. Во 2017 година, француските научници докажаа дека кај стаорци, редовното орално внесување на адитивот Е171 доведува до слабеење на имунолошкиот систем и воспаление на цревата. Докажано е дека супстанцијата продира во цревната мембрана и стигнува до крвта во форма на наночестички“, анализираа светските медиуми.

Производството на титаниум диоксид е бизнис со огромни профити. Годишно во светот се произведуваат меѓу четири и пет милиони тони, од кои повеќе од милион тони паѓаат на Европа.

 

Орце Костов