Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, не планира да ги оспори пред Уставен двојазичните униформи на полицијата. Според него ваквата одлука е само политичка за дефокус од криминалот и неуспесите на Власта, ништо што ќе го подобри стандардот на граѓаните.
– Навистина сум вчудоневиден со каква леснотија овие политичари го навредуваат и потценувата народот, мислејќи дека со тоа ќе направат нешто со кое ќе ги покријат нивните успеси, но мислам дека граѓаните гласно ќе зборуваат на следните предвремени парламентарни избори, изјави Мицкоски, но сепак рече дека ќе ја почека одлуката на уставните судии.
Тој рече дека Левица „ќе даде став по ова прашање“ и потенцира оти не било добро политичарите да се мешаат во судската власт.
Инаку Левица пред неколку дена најави дека ќе ја оспори ваквата владина Уредба за двојазичност на полициските униформи, бидејќи била неуставна.
– Скандалозната Уредба е спротивна на амандманот V од Уставот, согласно кој службен јазик на целата територија е македонскиот јазик и неговото писмо. Следствено на тоа, оваа Уредба е спротивна и на Законот за полиција согласно кој, полицијата ја врши унифицирано својата работа на целата територија на државата. Притоа, веќе постои Правилник со кој се уредуваат ознаките на униформата и согласно кој, истите се идентични на целата територија на државата и истите не може да се разликуваат во зависност од општините каде се извршува работата, потенцираа тогаш од Левица.