Турција денеска соопшти дека Русија и Украина постигнале напредок во преговорите за запирање на инвазијата, а двете завојувани страни се блиску до договор.
– Се разбира, помирувањето не е лесно да се постигне додека трае војната, додека се убиваат цивили, но би сакале да кажеме дека сепак импулсот зема замав. Гледаме дека страните се блиску до договор, изјави турскиот министер за надворешни работи Мевлут Чавушоглу во јужната турска провинција Анталија.
Чавушоглу оваа недела ги посети Русија и Украина, откако Турција, која има силни врски со двете земји, се обиде да се позиционира како посредник.
Анкара беше домаќин на состанокот на руските и украинските министри за надворешни работи во Анталија минатата недела. Чавушоглу додаде дека Турција е во контакт со преговарачките тимови од двете страни, но одби да открие детали од разговорите, бидејќи „ние имаме улога на чесен посредник”
Во меѓувреме украинските медиуми денеска објавија дека делегациите на Русија и Украина утре треба да ги продолжат мировните преговори во онлајн формат.
– Онлајн состанокот на украинската и руската делегација е планиран за 21 март, наведуваат медиумите, повикувајќи се на неименуван висок извор.
Каkо што се додава, преговорите на ниво на експертски групи се одвиваат секојдневно.
МИА