Управата за јавни приходи (УЈП) во текот на изминатите два дена извршила 611 контроли на територијата на цела држава при што кај 114 даночни обврзници биле констатирани неправилности во однос на спроведување на одлуката за ослободување од ДДВ на основните прехранбени продукти, согласно Законот за регистриање на готовински плаќања. Директорката на УЈП, Сања Лукаревска денеска на прес-конференција информира дека кај сите се изречени казни.
– Ние изрекуваме глоби затоа што алармиравме и претходно дека ќе одиме два дена на терен, така што има доволно време сите даночни обврзници да ги адаптираат своите фискални каси, со цел да издаваат соодветни фискални сметки и да не се прави каква било злоупотреба на грбот на граѓаните. Веројатно сметале дека ќе може да го изиграат законот, но тоа не е така и затоа бевме интензивно на терен овие два дена, изјави Лукаревска и најави дека УЈП ќе продолжи со континуирани координирани контроли заедно со останатите надлежни институции.
Во контролите биле опфатени даночни обврзници кои вршат дејност трговија на мало со храна и пијалаци, со месо и производи од месо, со моторни горива, кои дејноста ја вршат преку повеќе деловни единици со поголема продажна површина и остваруват промет во поголем износ.
Директорката Лукаревска потенцира дека и покрај укажувањата имало продажни објекти не им биле прилагодени фискалните апарати и наместо во група Г, лебот, брашното ТИП 400, јајцата, млекото, шеќерот, местото, оризот и маслото за јадење ги продавале во група Б односно со пресметан ДДВ од пет проценти.
Напомена дека кај големите маркети има утврдено огромен број неправилности во делот на непочитување на оваа одредба и тоа во повеќе градови, дури кај еден голем маркет, како што рече, скоро во сите негови деловни единици е утврдена одредена неправилност. Лукаревска апелираше особено до големите маркети и истакна дека е некоректно се уште да ги немаат наместено своите каси и врз основа на тоа, подвлече, да ги набедуваат своите вработени дека тие ќе ги сносат санкциите.
– Инспекторите согласно направените контроли најмногу неправилности утврдија кај обврзници од Тетово, Струга, Скопје, Прилеп и Охрид. Утврдени се неприлагодени фискални апарати кај трговци на мало со храна и пијалаци, со јајца, со месо и производи од месо во специјализирани продавници. Од 31 контролиран продажен објект во Тетово, кај 15 биле утврдени неправилности и тоа не издавање и неусогласени фискални сметки. Од 28 контролирани објекти во Струга, кај 12 биле откриени неусогласени фискални сметки. Од 136 исконтролирани продажни објекти во Скопје, само кај 13 е откриена неправилност. Во Прилеп и Охрид од направени 32 контроли, кај 12 биле откриени неправилности. Во Битола од исконтролирани 55 објекти, само 10 имале неправилности во работењето, изјави Лукаревска.
Додаде дека неправилности имало и кај шест продажни објекти во Струмица, Кавадарци, Гостивар и Ресен. Во Неготино неправилно работење е утврдено кај три од вкупно 17 исконтролирани трговци, додека во продажни места од Штип, Гевгелија, Кичево, Велес и Валандово непочитување на одредби од законот е утврдено кај едно продажно место.
Со контролите, кај еден голем трговец кој врши трговија на мало со храна и млечни и месни производи во неколку маркети во Скопје, Струмица, Гевгелија и Валандово е утврдено, потенцира директорката на УЈП, неусогласеност на даноната стапка за месо и други кланични производи. При контролите утврдено е дека кај поголеми маркети од Скопје, Штип, Охрид неусогласеност на даночната стапка со измените на Законот за ДДВ и владината одлука за определвуање на видот на добрата и временскиот период од палаќање на ДДВ.
На територијата на регионалната дирекција Скопје од 136 извршени контроли, во 13 се утврдени неправилност, на регионална дирекција Битола од 120 контроли, во 41 има утврдено неправилност, на Прилеп од 93 контроли 22 се со утврдена неправилност, на територијата на регионална дирекција Струмица од 85 контроли 10 се со неправилност, на регионална дирекција Тетово од 78 контроли 26 се со утврдена неправилност, додека на регионалната дирекција Штип од 99 само две со утврдена неправилност.
Директорката на УЈП Лукаревска потсети дека во делот на глобите за самостојните вршители на дејност глобата е до 500 евра, а за правните лица до 1.000 евра, согласно тоа колку има остварени приходи претходната година, број на вработени, дали претходно бил казнет или не….
Таа упати порака до граѓаните и до бизнис секторот дека нашата држава, како и целиот свет, е исправена пред специфичен и голем економски предизвик, наметнат од светските случувања и затоа сите да бидеме солидарни и да дадеме придонес со цел да се надмине оваа состојба, да се надмине стандардот на граѓаните и да ја зачуваме домашната економија.
МИА