Руско-украинската криза удри врз животниот стандард на граѓаните – Евидентен е скокот на енергенсите и храната – ММС
ММС

Објавено на: 03/20/22 10:39 AM

Руско-украинската криза удри врз животниот стандард на граѓаните – Евидентен е скокот на енергенсите и храната

Руско-украинската криза удри врз економијата на европските држави и врз животниот стандард на граѓаните. Прогнозите се дека инфлацијата ќе расте, а по вртоглавиот раст на цените на нафтените деривати на светските берзи на почетокот на кризата, во повеќето европски држави евидентно е зголемувањето на цените на горивата и на основните прехранбени производи. Владите со пакети мерки се обидуваат да го ублажат ударот, а се бараат и алтернативни начини за пренос на природниот гас доколку Русија како реципроцитетна мерка го прекине преносот на руски гас откако Европската унија воведе строги санкции кон Руската Федерација.

Ефектите од кризата не го заобиколија и Балканот. Евидентен е скокот на енергенсите и на храната, а во дел од државите забележан е недостиг на основните прехранбени производи во маркетите поради паничното купување залихи од страна на граѓаните и обидот на дел од трговците да ја искористат ситуацијата и да остварат екстра профит.

 

Горивата најскапи во Грција, најевтини во Северна Македонија

Во Грција, цената на бензинот веќе надмина две евра, во Албанија се продава по цена од 1,7 евра откако интервенираше Владата по скокот од 2,1 евро за литар, а во Србија литар дизел се продава по цена од 1,59 евра, додека цената на бензинот БМБ 95 изнесува 1,49 евра. Последниве денови, во Косово бензинот се продава по цена од 1,5 евра за литар за разлика од  почетокот на кризата кога достигна цена од рекордни 1,85 евра за литар. Во Северна Македонија, според последната пресметка од петокот, цената на бензините е околу 1,3 евра за литар, а на дизелот 1,2 евра.

Дописничката на МИА од Атина јавува дека цените на електричната енергија и природниот гас во Грција бележат зголемување за над 70 отсто, а на мазутот над 40 проценти. Грчката Влада покрива дел од покачувањата на сметките за струја на сите домаќинства без исклучок, а за следните три месеци предвиден е и пакет мерки во висина од 1,1 милијарди евра коишто се однесуваат, пред сѐ, на најранливите категории и на економски најслабите граѓани.

Во Србија, донесена е Уредба за ограничување на цените на нафтените деривати која се однесува на дизелот и евро премиум БМБ 95 и која ќе важи до 11 април. Утврдени се максималните малопродажни цени на горивата, забрането е полнење гориво надвор од резервоарот на возилото и намалени се акцизите за безоловниот бензин и гасното гориво за 20 отсто. Цените на нафтените деривати, како што информира дописникот на МИА од Белград, се формираат секој петок во неделата.

Во Северна Македонија, одлуката за цените на горивата се носат на дневно ниво доколку пресметката за цената на било кој нафтен дериват оди нагоре или надоле за два денара. Како дел од пакетот од 26 анткризни мерки намалени се акцизите и ДДВ-то од 18 на 10 проценти, а увозниците на природен гас, електрична и топлинска енергија се ослободени од плаќање ДДВ.

Во Албанија, како што јави дописничката на МИА од Тирана, формирано е посебно тело кое ја одредува цената на горивата, а секој кој нема да ја почитува одлуката за определните цени, ќе му биде одземена дозволата за работа. Цената на електричната енергија не е зголемена и ветувањата се дека нема да се зголеми.

 

Поскапи цени на прехранбените производи, најмногу на удар лебот, брашното и зејтинот

Инфлацијата бележи раст во сите земји од регионот. Поскапување има речиси кај сите прехранбени производи, особено кај лебот, маслото за јадење и брашното. Литар зејтин во Косово на почетокот на кризата чинеше 3,49 евра, а моментално литар сончогледово масло се продава по цена од околу две евра.

Во Албанија, еден леб се продава по цена повисока за 30 проценти, а во трговската мрежа се чувствува недостиг на брашно, масло за јадење, макарони и други тестенини.

Зголемената побарувачка и раст на цените на основните прехранбени производи има и во Србија каде Владата донесе одлука за привремена забрана за извоз на пченица, пченично брашно, пченка, житарки и сончогледово масло, а претходно беше донесена и владина мерка за ограничување на цените на основните прехранбени производи.

Слични мерки беа донесени и во Северна Македонија каде по првичниот скок на цените, сега по набавна цена се продаваат белиот леб, брашното тип 400 и маслото за јадење, а без ДДВ, покрај овие три продукти, се продаваат и млекото со масленост од 2,8, од 3,2 и од 3,5 проценти масленост, белиот шеќер, сончогледовото масло, свежото месо, белиот ориз и јајцата. Намалени се и маржите за дел од основните прехранбени продукти. Литар зејтин се продава по цена од околу 1,6 евра.

Во Грција нема недостиг на одредени производи и нема масовно празнење на рафтовите по супермаркетите како што тоа беше случај пред две години на почетокот на пандемијата, а една од причините би можело да биде зголемувањето на цените на голем дел од основните продукти.

Руско-украинската криза се одразува и врз пласманот на земјоделските производи кои од регионов се извезуваа во Украина и Руската Федерација.

 

МИА