Издржи ме уште денес, и рече Боки 13 на судијката Софче Гаврилова – Ефремова – ММС
ММС

Објавено на: 03/18/22 11:47 AM

Издржи ме уште денес, и рече Боки 13 на судијката Софче Гаврилова – Ефремова

Во завршните зборови за предметот „Меѓународен сојуз“, првообвинетиот Бојан Јовановски, денеска во Основниот кривичен суд – Скопје  рече дека поддршката од Владата, од Зоран Заев како премиер, ја имал од првиот ден на формирањето на невладината организација.

Но, не само Заев. Јовановски ги спомена и тогашниот генерален секретар на СДСМ Александар Кирацовски и градоначалникот на Карпош во тоа време, Стефан Богоев. Јовановски рече дека бил злоупотребен од Заев, кој целосно бил запознат со проектот и акцискиот план за изградба на старски домови.

– Дека Зоран Заев бил информиран и дека знаел за активностите и проектот е неспорен факт. Во судот беа спомнувани 719.350 илјади евра и други цифри, а никаде не видовме некаков доказ, истакна Јовановски.

Идејата за изградба на старечки дом, како што рече тој, ја знаеле владини и партиски функционери, градоначалници од СДСМ. Идејата ја добил во разговор со бизнисменот Силјан Мицевски, кој го претстави и како некогашен градоначалник на Битола од редовите на СДСМ.

– Во Скопје, Охрид и Гевгелија или Дорјан. Тие беа трите точки каде требаше да се изградат старечките домови. Проектот беше по мотив, волја, желба на бизнисменот Мицевски. И тоа на негово земјиште во Битола, за кое беа платени комуналии за зграда. Сакаше таму да гради, рече Јовановски.

Судијката Софче Гаврилова – Ефремова  неколку пати го предупреди Јовановски да се придржува на завршните зборови кои се однесуваат на изнесените докази и, како што рече, ова е последен пат да го предупредува. Јовановски возврати дека се надева оти овие прекорувања од судијката се уште само денеска и ја замоли „да го издржи уште денес”.

Првото рочиште за овој предмет се одржа на 1 јули 2020 година. Судењето за случајот го води судијката Софче Гаврилова – Ефремова, а застапник на денешното рочиште на Основното обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција е јавниот обвинител Трајче Пеливанов.

Според обвинителниот акт, обвинетите ги измамиле бизнисмените Силјан Мицески и Адријан Амзоски дека ќе учествуваат во проект преку „Меѓународниот сојуз” на Бојан Јовановски – Боки 13 и ги оштетиле со повеќе илјади евра.

Првообвинет во овој предмет е Бојан Јовановски – Боки 13, кој според обвинителниот акт е обвинет за кривичните дела „измама и перење пари”.

(В.К.)