Порнашниот бугарски премиер и лидер на ГЕРБ, Бојко Борисов, изминатата ноќ ја помина во притвор, каде е задржан 24 часа, по синоќешното приведување. Неговите приврзаници се собраа пред седиштето на Националната полиција, додека претпладнето е организиран мирен протест пред Министерскиот совет, каде има сослушување за полициската акција. Во Министерскиот совет е тензично, а исказите на пратениците се прекинуваат постојано со повици: „Оставка, оставка“.
Во текот на вечерта и рано изутрината, како што јавуваат бугарските медиуми, претреси и заплени се вршат на многу адреси. Од МВР посочија дека „акцијата е итна“, што значи дека за тоа не било известено обвинителството. Од друга страна, активистите на ГЕРБ прашуваат јавно зошто итност, кога истрагата е покрената од септември 2021 година.
Според адвокатот Људмил Рангелов, Бојко Борисов најверојатно ќе биде ослободен по истекот на 24-часовниот притвор.
-Тој мора да биде пуштен најдоцна околу 22 часот. Другата опција е обвинител да го одведе во притвор од 72 часа. После тоа, Обвинителството може да го изнесе пред судот за трајна мерка притвор“, објасни тој за „Ало Бугарија“.
Според него, од досегашните информации нема теорија дека целта била да се заобиколи бугарското обвинителство.
-Имаме ваква ситуација кога е потребна итна акција за да се спречи криминалот или да се соберат докази. Секое одложување би ја уништило истрагата“, објасни адвокатот.
Од друга страна, актуелниот премиер, Кирил Петков потврдува дека и тој бил сослушан од полицијата. Како што повтори, акцијата покажува, во Бугарија никој не е над законот.
-Јас самиот бев сослушан и дадов исказ. Моментално се вршат увиди од европското обвинителство, но заедно е бугарското обвинителство. А дали конечно ќе застане на страната на бугарскиот народ – ќе видиме во наредните денови“, рече премиерот.
Петков рече дека неговата улога е да им даде целосна слобода на сите тела да постапуваат во согласност со нивните законски овластувања.
-Никој не треба да се плаши од вистината. Само без страв од недопирливите Бугарија може навистина да се промени“, додаде Петков.
Како што синоќа беше објавено, експремиер Бојко Борисов е приведен заедно со уште неколку поранешни бугарски функционери во голема заедничка акција на европското обвинителство и националната полиција, поради 120 случаи за злоупотреба на фондови на Европската Унија.
извор: Нова ТВ, бугарски медиуми