Водата од езерото Мантово не е веќе забранета. Општина Конче ги тргна таблите коишто претходно мораше да ги стави по налог на Државниот инспекторат за животна средина, откако по извршен инспекциски надзор и анализаи , беше утврдено загадување коешто преставуваше закана за целиот еко-систем како и за луѓето кои ја користат акумулацијата за различна намена.
„Добиените резултати од микробиолошките и физичко-хемиските анализи на водата (површинска и длабинска) од акумулацијата Мантово укажуваат на тоа дека водата одговара на нејзината намена, односно може да се користи за наводнување и како технолошка вода за потребите на р.Бучим. Добрата снабденост со кислород во двата примероци на вода и релативно малата бројност на истражуваните бактерии, укажуваат на тоа дека водата е безбедна за живиот свет,“ се вели во извештајот за извршените микробиолошки и физичко- хемиски анализи на водата од браната Мантово од Јавно -научната установа Хирдо-биолошки завод Охрид, доставен од Државниот инспекторат за животна средина.
Водата во езерото на почетокот на годината беше забранета по направените анализи, откако во јавноста се појавија фотографии на кои беше очигледна промената на бојата на водата во езерото.
Согласно објавениот извештај од Државниот инспекторат за животна средина, промената т.е позеленувањето на водата било резултат на масовен развој на сино – зелената алга. Оваа појава претставуваше закана за целиот еко систем како и за луѓето кои ја користат водата за разни намени.
фото-ФБ Здрава Котлина
Добиените резултати укажуваа и на загадување во Брана Мантово од фекални води. Увидот на лице место од Државниот инспекторат утврдил дека има изградено поголем број на викендички околу езерото.
Градоначалникот на Општина Конче, Златко Ристов вели дека во врска со загадувањето на езерото од фекални води, ќе се прават напори за надминување на проблемот со инсталирање на пречистителни станици .
„Од наша страна за таа цел, преземаме максимални мерки и се надеваме дека во догледно време ќе успееме да најдеме решение на дел од населените места да изградиме и пречистителни станици и да бидеме максимално уредни во тој дел, во делот на екологијата,“ додава Ристов.
Со браната Мантово стопанисува ЈП за водостопанство Радовиш, и тие си имаат тековни активности за испитување на состојбата со водата, и засега тие анализи велат дека состојбата е во ред, додава Ристов.
В.Кр