Вечерва се очекува нова корекција на цената на горивата – ММС
ММС

Објавено на: 03/16/22 12:57 PM

Вечерва се очекува нова корекција на цената на горивата

Нова промена на цената на нафтените деривати се очекува вечерва по 18 – 19 часот, по намалувањето синоќа. Ова го најави Марко Бислимовски од Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ), кој рече дека денеска дојде до пораст на цената на нафтата, но, вообичаено и во текот на денот се случуваат драстично промени, што ќе се следи и одлучи.

По вчерашниот пад на цената од 97,5 долари за барел, изутрината се искачи на 102 долари. Со вчерашната одлука на РКЕ, нема промена на цената на малопродажните цени на бензините, но се намали за три денари цената на литар дизел односно од ноќеска дизелот се продава по цена од 85 денари за литар, а Екстра лесното масло за домаќинство за 81 денар за литар. Цената на  Еуросупер БС-95 – 86,5 денари за литар, а Еуросупер БС-98 цена од 88,5 денари за литар.

-РКЕ ги следи трендовите на светските берзи, главно Медитеранската берза и тој податок го добиваат големите трговци на државата, сите влади во регионот и врз основа на тој податок се носи одлука за цените изјави Бислимовски.

Прашан од новинарите и премиерот Димитар Ковачевски рече дека цената на горивата не беше веднаш корегирана заради седумдневното усогласување, а дел од компаниите кои работат на пазарот со нафта и нафтени деривати покажаа шпекулативно однесување.

-Тоа веднаш беше санкционирано од страна на соодветните инспекциски служби, а дел поднесоа и загуба, кои што до крај во тој ден кога беше очекувано покачување на нафтата испорачуваа гориво цело време. Методологијата е таква да не може да се манипулира и сите цени кои се определуваат се определуваат согласно таа методологија. Колку што гледам, утрово берзите пак пораснаа, ќе видиме како ќе се движат во текот на денот, бидејќи дневно се менуваат цените на берзите. Ние мора да бидеме свесни дека Европа се наоѓа во војна, во Украина се води војна, каде што Русија изврши воена агресија врз Украина, и сето тоа влијаеше исклучително негативно и со далекусежни последици на цените на храната, на вештачките ѓубрива, на цените на суровините, особено на железото, на јагленот и на другите основни суровини, изјави Ковачевски.

Што се однесува до резервите и снабденоста со нафтени деривати од РКЕ потврдуваат дека има доволно, а сигурноста ја базираат на последниот состанок со големите трговци и потврдата од Хеленик петролеум, кој е главен снабдувач со горива во државата. Денеска беше објавена информацијата дека грчката компанија почнува соработка со компании од Саудиска Арабија за набавка на нови количини на сурова нафта за преработка, како замена во евентуален недостаток од Русија.