Стоилковски: Граѓаните знаат сами да одлучат во каква Македонија сакаат да живеат – ММС
ММС

Објавено на: 09/12/18 3:05 PM

Стоилковски: Граѓаните знаат сами да одлучат во каква Македонија сакаат да живеат

Наместо за капитулацијата на Република Македонија, чие уставно име е недостоен да го изговори, Заев рекламира лажни вредности. Според кампањата ништо Заев не треба да прави, а народот ќе се лечи надвор, младите ќе се образуваат надвор – обвини денеска на прес конференција портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Наум Стоилковски.

„Зошто било кој воопшто би работел, пари ќе се слеваат секој ден, што ќе ни се нови инвестиции, фабрики, раст на БДП!? Само вие продадете си го името, идентитетот, достоинството! Веднаш Заев ќе стане чесен, Анѓушев нема да чепка во фондовите, Филипче во тендерите“, рече Стоилковски според кој, референдумската кампања е манипулативна.

„Сите обврски кои ги содржи текстот на овој таканаречениот договор паѓаат на грбот на Македонецот и на Република Македонија. Притоа, спротивно на сите национални и државни интереси, на сите црвени линии, Заев ги прифати сите грчки условувања; условувања кои и Атина не верувала дека некогаш ќе и бидат исполнети“, додаде партискиот портпарол кој смета дека Договорот со Грција е едностран.

„Договорот е до толку антимакедонски што предвидува бришење на придавката и забрана за употреба на терминот Македонија и во целосната внатрешна употреба. Договорот е прифаќање на грчка ревизија во литературата, учебниците, науката- замислете, во суверена независна држава Република Македонија – што е полошо и од асимилацијата спроведувана врз преостанатите Македонци во Грција. Притоа, со ваков таканарречен меѓународен договорот, се забрануваат врските па и семејните од двете страни на границата. Едните Македонци се со хеленско потекло, култура и наследство, а другите се од таа нова сега креирана вештачка нација во Северна Македонија. Бидејќи со договорот се креира нова нација, вештачка нација со нова историја по мерка и замисла на соседите.  И тоа ќе трае со години, се до системско исчистување на се што некогаш значело Македонец и Република Македонија“.