Не смеат да купуваат мебел и автомобили – Владата ги рационализира трошоците во јавниот сектор – ММС
ММС

Објавено на: 03/15/22 8:04 PM

Не смеат да купуваат мебел и автомобили – Владата ги рационализира трошоците во јавниот сектор

Владата вечерва усвои антикризни мерки за рационализација на трошоците во јавниот сектор. Сите буџетски корисници се задолжени да ги намалат расходите за стоки и услуги за 10 проценти и најдоцна до 21 март да достават предлог за рационализација на трошоците до Министерството за финансии.

Од владината прес-служба информираат дека мерките за рационализација предвидуваат забрана за започнување на нови постапки за набавка на мебел и возила, освен за неопходните активности за работењето на институцијата по претходна согласност од Владата.

Буџетските корисници и правни лица основани од државата ќе треба за 50 проценти да ги намалат расходите за репрезентација, спонзорства и реклами, како и користењето на службени возила, а ќе треба да го намалат и бројот на службени патувања и бројот на членови на делегации при патувања во странство.

Јавните претпријатија и акционерските друштва во државна сопственост се задолжени да ги намалат тековните расходи за 15 проценти и за тоа да ја известат Владата во рок од 15 дена. Согласно оваа мерка, јавните претпријатија основани од државата и АД во државна сопственост треба ги преработат своите финансиски планови и инвестициони програми и да ја информираат Владата во рок од 15 дена.На регулаторните тела, единиците на локалната самоуправа, локалните јавни претпријатија и останатите установи кои се под надлежност на општините им се препорачува да ги следат донесените владини мерки и да преземат активности за рационализација на нивните расходи.

– Буџетските корисници и единките корисници со овие мерки се задолжени до крајот на 2022 година, а на општините, јавните претпријатија, регулаторните тела, АД во државна сопственост и останатите субјекти во јавен сектор им се препорачува да ги почитуваат донесените антикризни мерки и да се воздржат од помалку суштинските расходи, се наведува во соопштението од Владата.