Казна на плата за претседател на Основен суд и еден судија за нестручно и несовесно постапување – ММС
ММС

Објавено на: 03/15/22 2:36 PM

Казна на плата за претседател на Основен суд и еден судија за нестручно и несовесно постапување

Парично се казнети од Судскиот совет еден претседател на Основен суд и еден судија во Основен суд поради нестручно и несовесно постапување во вршење на судиската функција. Ова е одлуката од денешната седница на Судскиот совет.

Нема информација за кој суд се работи. Од Судскиот појаснуваат дека претседателот на Судот кој бил парично казнет не презел обврски предвидени со Законот за управување со движење на предметите во судовите и Судскиот деловник.

– Судскиот совет оцени дека претседателот на Судот сторил повреда со нестручно и несовесно постапување во вршење на судиската функција според Законот за судови и одлучи да биде казнет со 30 отсто од платата во траење од шест месеци, се наведува во соопштението од Судскиот совет.

Судијата  пак се најде на одговорност бидејќи не постапувал по предмети во одделот за извршување санкции, а со тоа постапил спротивно на законските одредби, односно нестручно и несовесно ја извршувал судиската функција според Законот за судовите. Доби парична казна со 15 отсто од платата во траење од шест месеци.

На денешната седница Судскиот совет одлучил и да запрат две постапки за утврдување одговорност кај два совета на Врховниот суд составени од по петмина судии и кај еден судија од Основен суд.