Немаме бегалци од Украина, но нема да одбиеме ниту еден кој ќе дојде на нашата граница, рече Османи – ММС
ММС

Објавено на: 03/15/22 11:14 AM

Немаме бегалци од Украина, но нема да одбиеме ниту еден кој ќе дојде на нашата граница, рече Османи

Министерот за надворешни работи Бујар Османи денеска пред Владата ќе ги презентира податоците добиени од државните институции за капацитетите за сместување на бегалци кои би дошле од Украина, но и плановите и задолженијата за сите институции кои би биле вклучени во процесот. Според него, засега нема зголемена бројка на украински државјани кои влегле во земјава од претходно, а ниту еден кој влегол не побарал статус на бегалец.

– Има влез на украински граѓани, но нема поголема динамика од што имало претходно пред војната. Тоа се нормални влегувања на луѓе по број не поголеми од претходните. Некој да побарал статус на бегалец немаме таков случај, но мора да бидеме подготвени на тоа, рече Османи на редовниот неделен брифинг со новинарите.

Тој не очекува голем наплив украински бегалци во земјава, но, како што нагласи, ако тоа се случи не се исклучува можноста и за креирање импровизирани капацитети за згрижување.

– Денеска ќе имаме прецизна информација од страна на МНР откако ги добивме податоците од секоја државна институција за капацитетите со кои располагаат. Ние нема да одбиеме ниту еден украински бегалец кој ќе стигне на граница. Напротив ќе биде примен со сите аспекти на хуманитарно згрижување на бегалците. Капацитетите што ги утврдија институциите јас ги имам ставено во табела и денеска ќе ги презентирам на седница на Владата. Станува збор за бројот на капацитетите кои ги имаме сега во државните институции, што не значи дека доколку хипотетички би имало поголем број на бегалци нема да создадеме импровизирани капацитети и да ги сместуваме, рече министерот Османи.

Тој нагласи дека предвид може да се имаат и искуствата од земјите од ЕУ, каде, како што рече, голем број граѓани се пријавуваат да ги згрижат бегалците во своите домови.

– Не очекувам во овој период дека ќе има голем бран, бидејќи тие одат во други држави во соседството на Украина, но бројките се зголемуваат и се стасува до бројка од три до четири  милиони украински граѓани кои ја напуштаат Украина. Затоа ние треба да бидеме подготвени, истакна министерот за надворешни работи.

Тој информира дека покрај табелата на сите капацитети кои ги предложиле министерствата на денешната седница на Владата ќе ги презентира и задолженијата на здравствените институции и она што тие треба да го направат во однос на згрижување на бегалците ако за тоа има потреба, но и задолженијата за другите институции кои треба да се грижат за нив.

фото: news.un.org/