„Санциите не симнале ниту еден диктатор, војната во Украина најмногу ќе ја погоди Европа. Русија економски ќе ослабне и ќе стане бензинска пумпа на Кина. Антикризните мерки на владата не се добри, требаше да се замрзнат ценита не горивата“.
Ова се само дел од темите на кои се водеше разговорот со Бранимир Јовановиќ, професор на Виенски институт за меѓународни економски студии.
Професорот Јовановиќ беше гостин во емисијата „Стадион“ на Радио Канал77 и се обиде да одговри на многу прашања, кои во моментов, поради економската криза, го мачат и обичниот граѓанин, но и глобално за состојбата во светот, која поради војната во Украина се наоѓа во еден општо хаос.
Канал 77: Има ли во учебниците посебни поглавја кои се занимаваат и можат да дадат точни одговори со проекции? Што ќе се случува во вакви ситуации? Западот официјално со оружје не и објави војна на Русија, но очигледно се случува една сеопшта војна, речиси цел свет против Русија.
Јовановиќ: Економистите не можеа да предвидат дека ќе дојде до војна помеѓу Русија и Украина. Тоа всушност не е и прашање за економистите. Јас уште пред десетина дена на еден настан во Македонија кажав дека ова ќе се случи. Ние организиравме на нашиот институт неколку настани на оваа тема. Последиците се знаеа, се знаеше дека ова ќе доведе до скок на цените на нафтата, на гасот, цената на житариците, ќе донесе и други проблеми, забавување на економската активност, дека можеби ќе доведе до стагафлација , период на еконоска стагнација- паралелно со инфлација.Такво нешто се случи веќе во 70 и 80 тите години, а можеби она што не го видоа е дека санкцииите што ги воведе западот кон Русија, ќе бидат толку драстични. Ние исто организиравме неколку настани на оваа тема и објавивме една студија за тоа какви се економските можности што може западот да ги направи против Русија. На пример ние никогаш не очекувавме дека руските банки ќе бидат исклучени од Свифт, толку брзо. Ние тоа го нарекуваме нуклеарна опција, сметавме дека тоа е една од пострашните санкции, но таа се воведе многу брзо. Замрзнувањето на девизните резерви на Руската централна банка никој не го очекуваше, тоа беше прилично драстична акција, иако тоа се случи претходно и за Иран и за Венецуела.
Америка нема да има некои страшни последици од целата оваа ситуација, затоа што таа нема некоја изложеност кон Русија. Далеку се и географски, не зависат од нивната нафта и гас, еве веќе забранија да се увезува нафта од Русија, тоа можат лесно да го заменат со некои други пазари. Веројатно и затоа воведоа толку јаки санкции. Европа ќе помине многу полошо, затоа што 40% од гасот потекнува од Русија, нафтата во Европа 30% е од Русија-не можат тоа да го заменат на краток рок. Имаа и други финансиски и слични врски, така што Европа ќе биде многу повеќе погодена , но пак би кажал дека ЕУ, т.е. богатите Европски земји ќе поминат помалку лошо да кажеме од сиромашните европски земји. Тука ќе видиме една голема разлика во таа смисла многу помалку лошо од Балканот, МКД, Србија. Во сите кризи најлошо поминуваат, најсиромашните.
Околу тоа дали западот можеше подобро да изигра во економска смисла, имаше еден добар коментар од една американска економистка-Ако можеше Западот да воведе координирано толку силни санкции кон Русика, зошто не размислија, да воведат и координирано мерки, со коишто ќе се спречи ваков скок и на енергенсите и на храната и на се’ друго. Значи тука киксна Западот и тоа е голема грешка, зошто знаеја какви ќе бидат ефектите од санкциите што ги воведуваат, не презедоа мерки за да ги ублажат, на време да се обезбеди гас или нафта или некако со храната да се интервенира. Па и сега ништо не преземаат околу тоа.
Но сепак велам дека секоја криза е шанса да излезете посилни од таа криза, да направиме промени кои не само што ќе спречат да се појават слични вакви кризи, туку ќе ве направат посилни, шансата што треба да ја гледаме во оваа криза е како да ја намалиме зависноста, не само од руски гас или нафта, туку како нашата економија да стане поодржлива, да не зависи од некои други. Она што Македонија треба да го направи е пред се’ мора повеќе да инвестира во аграрна политика , односно во земјоделството, производство на храна. Македонија не треба да биде земја којашто ќе зависи од увозна храна, не змее да биде земја кој се плаши дали ќе има храна ако нешто се случи во Светот. Ако нешто може да се прави во Македонија, тоа е храна, можеби не можеме да произведуваме авиони или коли, ама барем храна можеме да произведуваме и трагично е што Македонија како земјоделска земја стравува од тоа дека може ќе остане без жито или храна, сега поради оваа криза. Тоа е првото.
Второто е дека мораме да ја намалиме зависноста од нафтените деривати, од фосилните горива, односно од гасот и нафтата, многу повеќе да се инвестира во обновливи извори на енергија. Економистите и екологистите, зборуваат со години за тоа дека потребна е таа, т.н зелена транзиција, т.е трансформација. Да се истисне нафтата, да се помине кон одржливи извори на енергија повеќе да речеме сончева енергија ветерна енергија, хидро енергија и слично. Македонија има сонце колку сакате, има отворени простори за ветерници, тоа значи конечно мора да се инвестира во тоа. Оваа економска криза којшто ќе ја имаме веројатно неколку години треба да се искористи, за да се инвестира во овие работи и за да после тоа конечно станеме посилни и поотпорни на вакви и други слични кризи.
Канал 77: Вие поинаку размислувате од оние последни повици на Илон Маск, кој повикува да се активираат повторно нуклеарните централни за коишто веќе постојат рокови во Европа кога ќе бидат целосно затворени. Според вас ова е шанса, не е ретрограден процес којшто повторно ќе не врати на фосилни горива, на дизел, на штета на таа нова револуција, на тие зелени извори на енергија, на заштита на планетата земја. Тогаш зошто Русите така, на некој начин самоубиствено би одиграле, затоа што нивните ресурси би биле алтернирани, а со тоа и нивната политичка моќ би била намалена.
Јовановиќ: Од нас зависи дали оваа криза ќе се искористи за добро или пак ќе не врати назад во времето. Од Владите зависи дали ќе се вратат сега на јаглен за да го надоместат недостатокот од енергија, сега што се јавува поради нафтата или на некои уште полоши горива или ќе преминат кон обновливи извори на енергија. Во Европа има две струи-Француската струја е дека нуклеарната енергија е ок, германската струја е дека нуклеарната енергија треба да се истиснува. Без да се навлегува во тоа која страна е поиздржана, јас мислам дека Македонија, нема потреба, ниту пак ресурси за да инвестира во нуклеарна енергија. Од руга страна има можности да инвестира во обновлива енергија, затоа што Македонија има 20% на искористеност на хидро-потенцијалот. На толку многу реки можат да се изградат уште неколку големи хидроцентрали. Има сонце, да се изградат соларни централи, ветерни централи. Во таква ситуација, апсолутно немате потреба вие да одите на нуклеарна енергија, којашто е многу поскапа, а и поризична. На пример еве разбирам дека некои држави во Европа коишто се многу густо населени и коишто немаат сонце и слично, неможат да одат со обновлива енергија, но Македонија генерално и Балканот има можност за обновлива енергија.
Зошто Русија вака изигра? Руската економска политика во принцип не е премногу рационална. Тоа економистите го нарекуваат fortress „тврдината Русија“. Русија последните години имаше солидни приходи од нафтата и гасот и други природни ресурси коишто ги има во изобилство и наместо да ги инвестира тие пари во технолошки развој, да ја развие својата економија, својата држава, своето опшество, како што на пример прават Емиратите или некои други Заливски земји, зошто тие се свесни дека нафтата нема да им биде вечна, па сега инвестираат во услуги, висока технологија и сл. Значи Русија наместо да го направи тоа ги трупаше тие пари, како девизи и ги има едни од најголемите девизни резерви во светот, над 600 милијарди долари, 40% од нивниот БДП. Значи тие се спремаа на некој начин за воена состојба. Тоа можеби им е политика, од историјата на Русија , бидејќи имале многу кризи, војни и сл. Сакaат да бидат обезбедени и има причина дека Путин планирал да направи вакво нешто, па сакал да биде спремен, но во суштина, економски тоа е нерационална политика, да трупате толкави резерви во ситуација, кога можете да ги инвестирате.
Сега ова што го направи Русија со нападот на Украина исто така е економски нерационално, што и да се случи сега со војната, по неа Русија ќе се дистанцира од Европа. Русија мора да се сврти кон Азија, нивната Евро-Азиска унија и Кина, но во таа приказна Русија може само да изгуби, затоа што таму ќе биде помал играч. Русија е многу помала од Кина во секој поглед и освен можеби воено, Кина е една динамична, технолошки напредна економија, ги стигна САД во скоро секој поглед, Русија нема ништо. Русија, го кажа тоа една американска економистка, е една голема бензинска станица и Русија после оваа криза ќе биде бензинска пумпа на Кина во најдобар случај, што е осудено на пропаст. Нафтата ќе исчезне за 30-50 години, веќе нема да се користи и кога ќе се случи тоа , Русија нема никаква иднина , така што сега што ова го прави Путин и нивната вкупна економска политика во последните години, воопшто не е рационална. Како и да заврши оваа војна, Русите сепак најмногу ќе страдаат, затоа што економски ќе излезат многу послаби и не само сега , туку и на долг рок.
Канал 77: Последна информација е дека Русите ќе ги враќаат долговите во рубљи. Сега на тој начин се обидуваат да ги уценат можеби оние што им воведуваат санкции, тие воведуваат контрасанкции. Досега се воведени околу 5000 санкции. Вака робусни никогаш немало во историјата, на Иран беа некаде околу 3000. Како ќе ги активираат тие резерви, се најавува и за заплена на имотот на странските компании коишто имаат аквизиции во Русија. Таква национализација Венецуела правеше еден период?
Јовановиќ: Санкциите кон Иран беа посилни, затоа што Иран имаше и целосна забрана за трговија со нафта, а и Русија се уште го нема. Америка го воведе тоа , но Европа којашто е најголемиот трговски партнер на Русија, се уште не го воведува, исто така и гасот. Така што во тој поглед се уште не се овие санкции кон Русија најсилните што сме ги виделе, но се дефинитивно посилни од она што се очекуваше.
Во поглед на тоа, што може Русија да направи? Они сега имаат ситуација кога тие над 600 милијарди девизни резерви што ги трупаа со години и половина од нив им се блокирани-во швајцарските, во европските, американските банки, можат да ги користат само оние што им се во злато и оние што им се во кинеска валута и уште некои малку. Практично само половина од тие резерви што ги трупаат со години сега можат да ги користат. Сепак не се до толку погодени за да државата пропадне. Они ќе продолжат да живеат, се уште остваруваат солидни приходи од извозот на нафта и од извозот на гасот и тоа се гледа од податоците. Дури и имаше пред извесно време ситуација кога рубљата малку порасна. Таа падна многу скоро се преполови вредноста на рубљата, но пред неколку дена малку скокна , што покажува дека еве тие не умираат од глад. Но нема Русија никогаш да биде да кажеме економски развиена како што беше да речеме пред оваа војна. Тоа нема да се случи во најскоро време, ниту пак ќе биде онолку економски развиена , колку што може да биде Русија доколку имаше добри економски политики.
Економистите се прашуваат дали Русија ќе воведе контра мерки-кога ќе ги воведе, какви ќе бидат тие контра-мерки. Заплената на странските средства што се во руската економија, тоа е отворена можност, тоа и отворено го спомнаа. Веројатно би оделе на тоа доколку некоја од другите санкции што ќе ги воведе западот им се уште пострашни. Се гледа дека сега Русија, ова ниво на санкции што ги има во моментов може да го издржи. Поголем удар би било ако Европа забрани руска нафта, особено руски гас. Се зборува дека Европа може да забрани руска нафта, се работи веќе на тоа, но гасот никој не го спомнува , но и ако се случи нешто такво тогаш можеби ќе се очекува контра-удар од Русија тие странски средства што се инвестирани веќе но со странски фирми ќе ги запленат, т.е ќе ги национализираат во некоја смисла. Така што тоа би можело да се очекува во тој случај, но мислам дека нема да се оди во тоа. Ми се чини дека сега е постигнато некаков еквилибриум во поглед на санкциите бидејќи Европа не презема некои мерки, ниту Русија презема мерки, така што мислам дека ќе остане ваква состојба, којашто на некој начин им штети на две страни.
Канал 77: Првите коментари на Запад беа дека ова што го стори Путин, максимално ги обедини, ги зацврсти, но дури и оние што беа многу блиски, не само економски туку и политички со Русија, се свртеа против неа. Дали сега во оваа втора рунда со санкциите, се чуствуваат тие пукнатини? Не сите ќе можат да се приклучат кон тоа што без проблеми може да го стори Америка со нафтата. Европа е многу повнимателна, еве дури германскиот канцелар Шолц кажа дека Германија нема да ги користи тие санкции за забрана за нафта и за гас.
Јовановиќ: Мислам дека Евопа ќе остане единствена, по прашањето на Русија, по прашањето на санкциите. Има дефинитивно земји коишто се поостро настроени кон Русија и бараат уште посилни санкции. Мислам тука и на Европските земји не само на Велика британија…Германија пред се , па и Франција и Италија се на таа помека линија, односно не се за поостри санкции кон Русија, не дека се попријателски настроени, туку едноставно многу зависат од Русија. Германија многу зависи од рускиот гас , Италија исто така и Франција. И ако воведат подрастични мерки и тие ќе им наштетат. Тоа е од секогаш така, не само во ова криза. Секогаш санкциите ги погодувале обичните луѓе. Во поновата историја нема случај кога санкциите смениле некој диктатор или направиле некоја држава да го смени своето однесување. Иран и Венецуела се најдобар пример. Иран има санкции, не знам веќе колку време, ништо не се менува, само работите стануваат посилни. Оние коишто најмногу ги трпат санкциите тоа се обичните луѓе, народот. Богатите и политичарите наоѓаат начин како да живеат добро со вакви санкции. Мислам дека тоа го сфаќаат и во Европа, па и затоа не сакаат да одат со некои посериозни санкции, затоа што сметаат дека нема да му направат некоја посериозна штета на Путин, само ќе направат штета на обичниот човек во Русија, којшто ќе ги сфати санкциите уште како понепријателски гест кон нив и ќе се зголеми поддршката кон Путин.. Сметаат дека цената што ќе ја платат во вид на намалена економска активност во Европа ќе биде премала во однос на тоа што ќе го добијат, а тоа што ќе го добијат ќе биде нула, затоа што нема да му направат никаква штета на Путин, туку веројатно можеби и ќе го ојачат. Мислам дека тоа е факторот што тука доминира и во суштина целата работа со санкциите не се сведува толку на тоа дали вие ќе го смените однсеувањето на Путин, туку повеќе е тоа како симболична порака.
Канал 77: Секогаш војните биле предвесник на целосни драматични промени. Зборувам и од идеолошки и од револуционерен аспект. Велите богатите секогаш станувале уште побогати, сиромашните главно на нивен грб сите овие работи се случуваат. Дали ова е вовед на некое рестартирање, не само за оваа револуција, зелена, алтернативни извори, туку и за некое порамноправно распоредување на тие планетарни богатства, не само меѓу државите, туку и за распределба внатрешно во државите помеѓу различни социјални и класни состојби?
Јовановиќ: За жал мислам дека не, можеби револуционерен дух можевме да видиме барем малку на почетокот на пандемијата. Тогаш ни стана јасно дека пандемијата ги покажа сите проблеми во светот. Богатите се богатат, сиромашните осиромаштуваат, имаше некој револуционерен дух на почетокот од пандемијата, со тек на времето и тој исчезна. Мислам дека со оваа криза уште повеќе исчезнува тој дух, затоа што во Европа на пример сега никој не зборува за тие класни разлики, ама еве зборуваат на пример Германија носи одлуки повеќе да троши за одбрана, за војска, за воени цели. Значи Германија го дуплира својот воен буџет, што се огромни пари, 100 милијарди повеќе годишно, ќе се трошат за одбрана, а нема да трошат за социјална заштита, за здраство и за некои други такви работи. И сето тоа го прави социјал-демократската влада, што покажува на каде одат работите и веројатно во Австрија, која што е воено неутрална, веќе зборуваат дека треба да се зачлени во НАТО. Оваа криза ќе го поларизира светот уште повеќе, ќе се потенцираат во позадина и класните проблеми.
Канал77: Македонската Влада донесе пакет мерки. Како ги коментирате? Генерално и опозицијата и власта се согласуваат, но се разликуваат во тоа кога требало и колку повеќе да им се даде. Колкава душа има буџетот или мора да се даваат пари од буџетот за да се задржи потрошувачката?
Јовановиќ: Мислам дека за жал мерките нема да бидат ефективни, зошто не се добри од принципиелна гледна точка, затоа што се сведуваат на намалување на давачките на државата, даноци, акцизи, царини, односно целиот товар паѓа на државата, а тоа сме сите ние, тоа се граѓаните, што значи-или граѓаните ќе имаат помалку јавни услуги или државата ќе мора да се задолжува, да зема кредити. Од друга страна ништо не се направи да се ограничат добивките на фирмите, тие ќе продолжат да си прават високи профити, нафтените компании особено. Нафтените компании изминатите години постојано прават милионски добивки и владата повторно не смогна сили да им застане на патот. Наместо да каже, дел од оваа криза сносете и вие, малку да падне и на ваш грб. Тоа можеше да се направи ако се лимитираа, замрзнеа цените на горивата. Во регионот многу земји го направија тоа. Србија има замрзнато цени, Хрватска, Бугарија, има и во некои западни земји и во ЕУ. Нашите не сакаа да го направат тоа и затоа мерките се погрешни. Принципиелно зошто паѓаат целосно на товар на државата, а фирмите ги оставаат повторно да прават огромни добивки и во оваа криза. Вториот проблем е што мерките ќе бидат непродуктивни, односно неефикасни, неефективни, затоа што нема да спречат натамошен раст на цените. Дека сега можеби ќе се намали цената на нафтените деривати, поради намалените давачки кон државата, но како што ќе расне цената на нафтените деривати на Светските берзи, цените на нафтата во Македонија пак ќе растат, затоа ќе беше подобро цените да се замрзнеа.
Какви се прогнозите?
Јовановиќ: Ова не е прашање за економистите. Економистите можат да кажат да претпостават, какви би биле ефектите ако војната заврши за две недели или ако заврши до крајот на годината. Економистите не можат да кажат колку ќе трае војната. Се проценува дека ако кризата заврши релативно брзо, економските ефекти ќе бидат отприлика преполовување на економскиот раст што се очекуваше за оваа година-3,5 проценти, веројатно растот сега би бил 2 проценти. За ЕУ се очекуваше раст од 4 проценти , проекциите сега ќе бидат 2 проценти. Ако се води војна до крајот на годината, дополнително ако ескалира и има и нови санкции, светот ќе западне во рецесија, односно нема да има позитивен економски раст, ќе има економски пад оваа година. Така да тоа се две можности, уште пострашно е што таа криза нема да биде краткорочна , туку ќе има и среднорочно, со долгорочни импликации во хоринзонтала од 5 до 10 години, ќе доведе до подолгорочно забавување на економскиот раст. Нема да видиме раст од 4 проценти во Европа, односно во Македонија ќе има економска стагнација и ќе има раст на цените, инфлација, која што ќе се движи од 5-10 проценти годишно.
Столе Наумов