„Макфест“ без парични награди, ќе го организира компанија избрана на тендер – ММС
ММС

Објавено на: 03/14/22 2:39 PM

„Макфест“ без парични награди, ќе го организира компанија избрана на тендер

Наместо парични, три афирмативни награди се предвидени со организирањето на фестивалот на забавна музика „Макфест“. Ова го предвидува измената на Правилникот, врз основа на кој се организира фестивалот.

Распишувањето на конкурсот и изборот  жири комисијата, која ќе одлучува за композициите се работа на општината, додека организирањето и ПР на „Макфест“ е на економски оператор, кој ќе понуди најдобра и најкреативна понуда.

-Во однос на начин на реализација – оваа година е предвидено „Макфест“ да се реализира во две фестивалски вечери – прва вечер на дебитанти, додека втората вечер е со најдобрите дебитанти избрани од публиката и комисијата и избраните композиции од понудените на конкурс од страна на Уметничкиот совет. Предвидени се и три афирмативни награди и тоа за најдобри  вокални способности, најдобар дебитант и наградата „Драган Ѓаноковски Шпато“. Нема финансиски награди, туку е во вид на признание, објасни Вишна Шорова – Ангелова, секретар на Општината Штип.

Министерството за култура одвои само 400.000 денари за „Макфест“, што беа одбиени од Општината Штип, која најави дека фестивалот сама ќе го организира. Минатата години беа доделени седум фестивалски награди, од кои три главни – прва од 5000 евра, втора награда од 3000 евра и трета од 1000 евра.

Шорова – Ангелова рече дека со недавањето на финансиски награди ќе се зголеми бројот на примени композиции, затоа што е зголемен паричниот износ од 700 евра на 1000 евра, со што се зголемува мотивацијата за испраќање песни. На забелешката зошто организацијата на  економски оператор, образложението е дека во општината работи администрација и дека организацијата на фестивалот треба да се даде во рацете на професионалци.