Со ИПАРД 3 програмата која што неделава ја усвои Европската комисија и се однесува за Македонија се отвора можност во наредните седум години во македонскиот аграр да бидат инвестирани 250 милиони евра.
„ Тоа се рекордни средства кои ќе влезат во развојни мерки, во инвестиции, во преработувачки капацитети и во реализација на сите мерки од ИПАРД 3. Ако тоа го направивме во ИПАРД 2 со целосна искористенсот, уште повеќе сме сигурни дека ИПАРД 3 програмата со сите овие 250 милиони евра ќе бидат видливи, рече на денешната прес-конференција Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство , Љупчо Николовски.
Новина во ИПАРД 3 е што ќе има предфинансирање на инвестициите. Конкретно секој корисник што ќе аплицира, ќе има можност да добие од 30 до 50 проценти предфинансирање со самото склучување на договорот за проектот доколу достави банкарска гаранција.
„На пример, ако инвестицијата е 100.000 евра, Платежната агенција на инвеститорот му враќа 60 проценти преку ИПАРД односно 60.000 евра, со што корисникот ќе може авансно да добие 30.000 евра веднаш по потпишувањето на договорот, а не да чека целосна реализација на договорот и поднесување на барање за финансиски средства. Односно со самото потпишување на договорот сега секој корисник или апликант може да дојде до 50 отсто од средствата за да не оди по банки да зема кредити и тн., обезбедено е предфинансирање на сите овие договори коишто ќе ги имаме во ИПАРД 3, посочи министерот.
Исто така, новина во ИПАРД 3 е што ќе можат да аплицираат и здружени правни лица за колективни инвестиции во примарно производство или преработувачка индустрија со што се отвора опција за мерките да конкурираат и задруги, организации или група на произоводители, правно лице формирано од повеќе индивидуални производители регистрирани во Министерството, како и правно лице формирано од здружение или асоцијации.