Нема угинати птици во Преспа од птичји грип, но постои опасност за зараза на здрави птици, велат од Мониторинг станицата на Преспанското езеро – ММС
ММС

Објавено на: 03/11/22 3:59 PM

Нема угинати птици во Преспа од птичји грип, но постои опасност за зараза на здрави птици, велат од Мониторинг станицата на Преспанското езеро

Угинувањето на околу  500 пеликани во малото Преспанско Езеро во Грција го вклучи алармот за опасност на птичји грип и угинување на други видови на животни кои се водат како заштитени на територијата на Песпа, но и пошироко.

По објавата на Македонското еколошко друштво за угинувањето на пеликаните на територија на соседна Грција на Малото Преспанско езеро, Мониторинг станицата на Преспанското езеро како што информираа на социјалните мрежи дека ренџерската служба на Општина Ресен не пронашла никаква појава на угинати птици, што е добар знак дека птичјиот грип не се шири и на наша територија.

Од таму за ММС велат дека сепак постои опасност за зараза доколку здрави птици дојдат во контакт со болните птици.

„Опасност по птиците постои доколку и останатите птици дојдат во контакт со заразени птици – но во овој период птиците презимуваат во Мало преспанско езеро. Мерка за заштита е отстранување на мртвите птици – но како што спомнавме засега нема забележана појава кај нас“, велат од Мониторинг станицата на Преспанското езеро.

Опасност од појава на болеста и кај дивите и кај питомите птици секогаш постои, велат за ММС од Агенцијата за грана и ветеринарство, но, Агенцијата на дневна основа ја следи состојбата со болеста во соседните земји, регионот, Европа и светот и навреме презема соодветни мерки за спречување на појава и ширење на болеста во нашата земја. Од таму информираат дека во периодот декември 2021 – јануари 2022 година, согласно Годишната наредба за здравствена заштита на животните АХВ спроведе редовен мониторионг  на дивата и питомата популација птици при што ниту во една мостра не било детектирано присуство на вирусот на птичји грип.

„По појавата на двата изолирани случаи на заболени диви птици во февруари годинава (во Штип и во Скопје) согласно дефинираните оперативни процедури на АХВ при појава на болести кај животните, засилени се мерките за контрола на болеста ( активен и пасивен надзор). Донесени се соодветни решенија со кои се наредени и спроведени мерки во дефинираните заштитна и зона под надзор, за спречување на ширење на болеста, која засега не е дополнително детектирана, ниту кај питомата ниту кај дивата популација птици“, велат од АХВ.

Иако присуството на вирусот не бил потврдено на фарма, туку кај диви птици кои се чувале на отворено и кај дива прелетна птица (корморан), до одгледувачите упатен е апел за максимално подигнување на бисигурносните мерки на фармите и за следење на здравствената состојба на живината. Во рамки на дефинираните мерки спроведени се и дополнителни прегледи на одгледувалиштата и попис на живината на фармите.

Птичјиот грип најчесто се шири преку птиците преселници кои се сметаат за резервоар на болеста. Дивите птици, особено дивите патки можат природно да бидат отпорни и да не покажуваат клинички знаци на болеста. Птиците кои не покажуваат знаци на болеста можат да го носат вирусот и се опасност од ширење на вирусот кај живината. Затоа важно е да се води сметка живината која се одгледува на фармите да се спречи да дојде во контакт со нив, за што останува препораката до фармерите живината да не ја чуваат на отворено, туку во фармите. Од живината, од Авијарна инфлуенца најчесто заболуваат кокошките и мисирките, додека кај патките и гуските се развиваат само благи симптоми на болеста.

„Болеста предизвикува големи економски загуби во живинарството, а кај птиците кои се чуваат како миленичиња и дивите птици, птичјиот грип предизвикува висока стапка на смртност. Авијарната инфлуенца е болест која задолжително се пријавува и затоа апелираме во најкраток можен рок, до надлежното ветеринарно друштво или официјалниот ветеринар на Агенцијата за храна и ветеринарство одгледувачите да пријават зголемена смртност или појава на клинички знаци на болеста кај живината или дивите водни птици“, информираат од АХВ.

Авијарната инфлуенца може да се дијагностицира врз основа на клиничките знаци и настани кои водат до болеста и со лабораториска потврда на примероците кои се земени за анализа.

Птичјиот грип може да биде пренесен од животно на човек, па токму затоа препорачуваат од АХВ додека постои сомневање луѓето треба да се заштитат.

„Птичјиот грип е зооноза и од неа, првенствено заболуваат птиците, но, можно е да заболат и луѓето, најчесто оние кои подолго време имале контакт со заболена живина. Поради големиот потенцијал за инфекција кај луѓето се препорачува луѓето кои работат со или се во контакт со живина за која постои сомневање дека е заразена со Авијарна Инфлуенца да носат лична заштитна облека која вклучува и маски за лице, заштитни очила, ракавици и чизми. Веројатноста за вирусот на Авијарна Инфлуенца Х5Н1 да се промени во форма која е многу заразна за луѓето која масовно и лесно ќе се шири од човек на човек е непознат“, информираат од АХВ.

Габриела Додевска
Фотографии: МЕД и Мониторинг станицата на Преспанското езеро