„Сето тоа е дел од хибридните напади“, вели министерката за одбрана, Славјанка Петровска за ММС која веќе извесен период е жртва на потсмев на социјалните мрежи.
Секоја нејзина изјава е пречекувана на нож, недолично коментирана, што секој би помислил дека станува збор за организирано омаловажување на работата на министерката и нејзиниот лик.
Што мисли минстерката за овие напади против неа, дали смета дека е нечија цел и од која кујна би можеле да бидат ММС ја праша, бидејќи досега на сите напади таа достоинствено одмолчи.
-Од каде и да доаѓа и која и да е причината, бидете сигурни дека нема да ме поколеба да ја извршувам оваа позиција. Сето тоа е дел од хибридните напади. Јас жалам што гледам обиди да се поткопа угледот на сопствената држава со неосновани критики како што е последната кога дел од порталите реагираа зошто не била изведена химната на државата при мојата посета на Обединетото Кралство, а да не се подвлече честа што ни е укажана како држава да се отсвири нашата традиционална песна. Најмал обид за информирање пред да се објават критиките води кон информацијата дека британскиот протокол кој е еднаков за сите гости од странство, предвидува изведување на државна химна само кога во посета на Обединетото кралство оди шеф на држава. Церемонијата за пречек беше во знак на почит кон нашата држава и кон мене како министерка и затоа сум му благодарна на мојот домаќин, министерот за одбрана Бен Валас, ни рече министерката.
Критичките коментари по посетата на министерката на Обединетото кралство не беа само за химната, за кое објаснување даде дури и британската амбасада во Скопје, туку и за нејзиниот начин на облекување.
Оттаму беше и прашањето до министерката дали има советник за стилот на облекување на јавните појавувања, бидејќи во моментов е една од најекспонираните министри, со оглед на состојбата во Европа и светот.
– И приватно и службено внимавам да бидам пристојно и соодветно облечена за пригодата. Не изгледам совршено, но мислам дека позицијата на министер за одбрана бара одговорност и посветеност при носењето на одлуки и нивното спроведување. Изминативе месеци од моето назначување повеќе време поминувам во состаноци и средби со кои сум убедена дека придонесувам за доброто на државата. Северна Македонија е дел од единството на меѓународната заедница, НАТО и ЕУ, на вистинската страна од историјата. Тоа е мојата и одговорноста на Владата во ситуацијата во која се најде Европа и светот, одговори министерката за ММС.
Всушност (о)зборувањето почна откако нејзината прва изјава во контекст на војната во Украина беше погрешно толкувана, што многумина ја прокоментираа дека е избрзана. По ова се појавија лавина коментари и тоа не само на сметка на министерката, туку отидоа до таму, што ја омаловажуваа и АРМ.
Петровска за ова даде објаснување, кога беше гостинка во емисијата „Стадион“, на радио Канал 77.
-Изјавата ми е извадена од контекст, не сум нова во политиката и знам дека треба да се направат консултации. Тие досетливи коментари, веројатно на тие што ги пишуваат и тие што ги читаат им се допадливи и симпатични и веројатно си го пополнуваат времето. Ама не би се сложила затоа што ситуацијата во Украина е поприлично драматична. Таму гинат луге додека некој смета дека треба да биде интересен. Загрижува фактот што таа моја изјава беше искористена за сервирање на многу лаги на сметка на армијата, што покажува кој е ставот на тие кои ги сервираат лагите, рече тогаш меѓу другото Петровска.
Весна Миленковска
Фото: Министерство за одбрана