Картичката ми е нула денари, телефонот сам си го плаќам, рече министерот Спасовски за штедењето – ММС
ММС

Објавено на: 03/11/22 12:43 PM

Картичката ми е нула денари, телефонот сам си го плаќам, рече министерот Спасовски за штедењето

Клучно е да се рационализира и наменски да се трошат средства во било која криза, но не да се престане во трошењето, рече министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски на новинарско прашање како МВР ќе штеди со оглед на препораката на премиерот Димитар Ковачевски за штедење на институциите и претпријатијата во време на економска криза.

„Капиталните инвестиции мора да бидат реалзизирани, затоа што тоа ја поттикнува економијата и помага во делот на јавната потрошувачка“, рече Спасовски.

Во однос на тоа што планира Владата, министерот вели дека на наредната седница, не препорака, туку очекува конкретен план како ќе биде утврден начинот на заштеда на финансиските средства.

„Во таа рационализација спаѓаат возилата, патувањата во странство, репрезентациите сето она што е несуштинско во работењето“, рече Спасовски.

Во однос на трошоците на министерот, тој истакна дека нема никакви трошоци кои му ги плаќа државата.

„Мојата картичка во МВР е нула денари, немам мобилен телефон што ми го плаќа државата , јас така ќе продолжам како што беше и овие години, и сето она што ќе биде донесено како одлука ќе го испочитуваме“, изјави Спасовски.

Г.Д