Од Холокаустот да извлечеме поука и да останеме обединети – Штип одбележа 79 години од депортација на Евреите – ММС
ММС

Објавено на: 03/10/22 4:04 PM

Од Холокаустот да извлечеме поука и да останеме обединети – Штип одбележа 79 години од депортација на Евреите

Тоа студено утро на 11 март 1943 година беше последното во родниот Штип на 535 Евреи, кои се’ до тогаш, живееја сплотено со останатите сограѓани. Ги одведоа и никој од нив не се врати со логорот на смртта Треблинка. На ова денеска се потсети Пепо Леви, претседател на Еврејската заедница во Македонија, чии предци и нивните имиња се напишани на плочите, како дел на споменикот на Евреите во центарот на Штип.

-Благодарност до граѓаните на Штип што до ден денешен не го заборавија трагичен настан. Денеска сакаме да оддадеме почит на Марија, Пепо, Жоли Бесалет, Дора, Давид, Рафаел, Јаков, Естер, и на многу други Евреи од Штип, кои завршија во Треблинка. Од Треблинка не се врати никој од 535 депортирани штипски Евреи. Македонија загуби 7144 во Треблинка, логорот на смртта, настан кој во колективната меморија на македонскиот народ ќе биде запаметен како најгрозоморниот чин што се случи на овие простори. Нацистите убија 11 милиони луѓе, од кои шест милиони Евреи, рече Леви пред споменикот на Евреите.

Во пресрет на утрешниот датум, во Општината Штип беше одржана комеморативна седница, на која присуствуваа и амбасадорките на Обединетото Kралство и на САД, Рејчел Галовеј и Кејт Мери Брнз.

-Ми беше многу трогателно да ги чујам говорите, хорот и учениците кои рецитираа на Комеморативната седница. Ситуацијата во светот денес не’ потсетува дека не смееме да ги заборавиме лекциите и тоа што се случи во Холокаустот. Но, не само што не смееме да заборавиме, туку не смееме и да дозволиме повторно да се случи истото. Слава им!, рече Галовеј.

-Во овие тешки времиња во светот деновиве, она што е важно дека не само што не смееме да заборавиме што се случи во историјата и да извлечеме поука, туку треба да останеме обединети. Навистина сум благодарна за тоа што го слушнав денеска и да бидам дел од овој настан како претставник на мојата земја, изјави амбасадорката Брнз.

Денешниот настан се случуваше додека во Украина се случуваа бомбардирања со човечки жртви. Градоначалникот на Штип, Иван Јорданов даде паралела на некогашните случувања со денешните.

-Овој ден носи големи пораки со себе, затоа што тоа што се случиле во минатото, никогаш не треба да се повтори. Но, за жал сведочиме дека продолжуваат насилствата, нациите ги користат оружјето и насилството како инструмент за доминација, рече Јорданов.

Тој кобен мартовски ден депортирано е еврејското население од Штип, Битола и Скопје. Оние малку Евреи што успееја да се спасат од нацистичката рака, продолжија да се сеќаваат на трагедијата на нивните предци, а со тоа и цела Македонија, која токму поради ова, остана голем пријател на израелскиот народ.