Русија не планира да нападне други земји, како што не ја нападна ниту Украина, изјави денеска рускиот шеф на дипломатијата, Сергеј Лавров по состанокот со украинскиот колега, Дмитро Кулеба во Анталија.
– Го потврдивме и тоа со барање од руска страна, да се отворат хуманитарни коридори, а самите причини и моменти кога се отвораат тие коридори се темелат врз состојбата на теренот и анализа на ситуацијата. Треба да се изберат најефикасните рути за да се извлечат цивилите од градовите, тврди Лавров.
Во последниот извештај, посочи Лавров, се гледа дека „операцијата се одвива според планот”.
– Морам да ги спомнам проценките за напредокот на воената операција, што ги радува портпаролот на нашето Министерство за одбрана и претседателот, тие велат дека операцијата се одвива според планот, појасни тој.
На новинарско прашање дали Русија ќе нападне некоја друга земја, освен Украина, Лавров одговори „не планираме да нападнеме други земји, не ја нападнавме ниту Украина”.
– Објаснивме неколку пати, се создаде ситуација во Украина, што претставува директна безбедносна закана за Руската Федерација. И покрај тоа што со години молевме, нас никогаш не нè сослушаа и тоа претседателот Путин многу пати го кажа. Откривме некои нови факти, во Доњецк и во Луганск, териториите што ги ослободивме, се планирал напад на овие две народни републики и тоа овој месец, тврди Лавров.
Лажни се наводите за руски напад врз породилиштето во украинскиот град Мариупол, изјави денеска рускиот министер за надворешни работи, Сергеј Лавров.
Лавров од Анталија каде имаше средба со шефот на украинската дипломатија, Дмитри Кулеба, рече дека Русија веќе ги информирала Обединетите нации дека во поранешната болница воопшто немало медицински персонал, туку оти објектот бил претворен во камп на ултрарадикални борци од украинскиот баталјон „Азов”.
Лавров како „манипулација” ги нарече сите објавени информации во кои се тврди дека руската армија врши воени злосторства во Украина.
МИА