Пензионерите да не паничат, посмртнината е намалена привремено, да заврши короната парите ќе им се вратат – ММС
ММС

Објавено на: 03/9/22 2:18 PM

Пензионерите да не паничат, посмртнината е намалена привремено, да заврши короната парите ќе им се вратат

Намалувањето на средствата што од Солидарниот фонд се исплаќаа за посмртнина од 30 на 25 илјади е привремено, а петте илјади дополнително ќе се исплатат од јулската пензија, по редослед на поднесените барања и во зависност од расположивите средства.

Намалувањето и успорувањето на динаминката на исплата се резултат на поголемиот број починати лица.

„На 07.02.2022 година Одборот на Регистрираната организација за солидарен фонд и членарина, по усвојувањето на дневниот ред и по широка дискусија, констатираше  дека состојбата на овој фонд не е добра, бидејќи бројот на починати пензионери расте поради пандемијата Ковид19, затоа што и со последната одлука за задршка од делот на пензијата не се успеа да се стабилизира состојбата. Во овој момент, за исплата чекаат над 4.100 лица, а времето на чекање е околу 4 месеци. Во врска со оваа состојба на солидарниот фонд, во дискусијата се истакна дека по изјаснувањето на лекарите специјалисти, наскоро се очекува да опадне бројот на ново заразени, а со тоа и на починати лица од оваа пандемија што ќе има влијание и на стабилизација на солидарниот фонд“, објаснија од Сојузот на пензионери.

Според тоа, велат од Одборот, не е вистина дека е намалена посмртната помош од 30.000 денари на 25.000 денари трајно, што непотребно создаде немир и забуна меѓу пензионерите.

– Станува збор за времена одлука на Одборот составена од пензионери на четирите сојузи во нашата држава. Бидејќи исплатата на посмртната помош зависи од акумулираните средства и бројот на починати корисници на пензии. До пред пандемијата умираа околу 1.200 пензионери во просек месечно, а за време на пандемијата над 1.800 корисници на пензија месечно. Со тоа се зголеми бројот на приматели на посмртна помош за членовите на семејството од аспект на времето на чекањето на исплата на отпремнината. Со цел да им се помогне на примателите и да се намали времето на чекањето, Одборот донесе одлука да им се помогне и да им се исплати најголем дел од отпремнината од 25.000 денари, а останатите 5.000 денари доополнително со исплата на јулската пензија по редослед. Оваа одлука е од временски карактер – изјави за ММС, претседателката на Сојузот на пензионери, Станка Трајкова.

Појаснуваат дека средствата за Солидарен фонд се обезбедуваат од корисниците на пензија од врз основа на нивна согласност. Тие средства се уплатуваат на посебна под сметка во рамките на трезорската сметка и наменски се користат само за исплата на посмртната помош.

Одборот на регистрираната организација за солидарен фонд и членарина, дискутираше и во врска со “драфт” верзијата на измени и дополнувања на Законот за пензиско и инвалидско осигурување и констатираше  дека и Сојузите на здруженија на инвалидски пензионери, предлагаат одредбите од овој закон кои се однесуваат на солидарен фонд и членарина, не треба да се изменат или дополнат, бидејќи со тоа би се навлегло во пензионерското организирање во нашата држава, која функционира непречено повеќе од 75 години.

Минситерството за труд и социјална политика, пак, информираше дека дезинформација е дека намалувањето на висината на посмртната помош е направено за да може со тие средства да се покачат пензиите.

-Начинот на финансирање, начинот на распределба на средствата со кои располагаат здруженијата на пензионери се уредува со акти кои се донесени од органите на Сојузот на здруженијата на пензионерите и не се никаква одлука на Владата или пак Владата влијаела на ова. Министерството нема надлежност во однос на условите за членување во здружение на пензионери, финансирање, начинот на распределба на средствата и контрола во финансиското работење на здруженијата на пензионери. Пензиите се покачени како што беше објавено од Буџет со кој располага ПИОМ без кратење од други ставки од било каде во буџетот на државата, објаснуваат од МТСП.

Орце Костов