(Видео) Со „Јовано, Јованке“ Петровска ја започна посетата на МО на Обединетото Кралство – ММС
ММС

Објавено на: 03/8/22 6:12 PM

(Видео) Со „Јовано, Јованке“ Петровска ја започна посетата на МО на Обединетото Кралство

Со церемонија со највисоки воени почести денеска започна официјалната посета на министерката за одбрана Славјанка Петровска и делегацијата од Министерството, на Министерството за одбрана на Обединетото Кралство.

На средбата со британскиот министер за одбрана, Бен Валас, министерката Петровска ја осуди руската инвазија на Украина и порача дека НАТО сојузниците се обединети и подготвени да ја гарантираат безбедноста на земјите – членки на НАТО.

„Од Лондон ја испраќаме пораката дека ја осудуваме инвазијата врз Украина. Но, истовремено испраќаме и порака на обединетост на сојузниците и подготвеност да ја гарантираме безбедноста на државите – членки на НАТО Алијансата“, рече министерката Петровска по средбата со нејзиниот британски колега, Валас.

Петровска порача дека оваа прва официјална посета на Обединетото Кралство се реализира во едно тешко време за континентот, време во кое она што мислевме дека е невозможно да се случи во Европа во 21-от век, стана наша реалност – воена инвазија врз суверена и самостојна држава, проследена со страдање и човечки жртви.

Британскиот министер Валас го потврди ставот дека НАТО е единствено во цврстата заложба кон колективната безбедност во НАТО. Валас порача дека членството на Северна Македонија во НАТО е особено важно за зачувување на безбедноста во регионот и се заложи за зајакнување и продлабочување на билатералната соработка помеѓу двете земји.

Во контекст на соработката, министерката Петровска порача дека „заедно со Обединетото Кралство и понатаму ќе продолжиме да ги развиваме капацитетите и да ги зајакнуваме способностите на македонското министерство за одбрана и Армијата на Република Северна Македонија“.

Обединетото Кралство го поддржува развојот на армиските капацитети на повеќе полиња – во Министерството работи британски советник за трансформација на Армијата, тим од Обединетото Кралство дава поддршка за развој на армискиот полигон „Криволак“, а македонски офицери имаат шанса да се школуваат на највисоките воени школи во Велика Британија.

Припадниците на двете армии изведуваат заеднички вежби и обуки – годинава британски војници ќе бидат дел од досега најголемата воена вежба на армискиот полигон „Криволак“, вежбата „Брз одговор 22“ планирана за напролет.