Сите бараат, Владата си молчи – Зошто не се намалат акцизите на горивата? – ММС
ММС

Објавено на: 03/8/22 4:10 PM

Сите бараат, Владата си молчи – Зошто не се намалат акцизите на горивата?

Организацијата на работодавачи, опозициските лидери, стопанските комори и обичните граѓани бараат неколку дена од Владата да ги намали давачките кон државниот буџет при формирањето на малопродажната цена која бележи енормен скок во последните месец дена, а крајот на покачувањето не е ни близу.

Владата секојдневно смирува со образложението  дека и покрај покачувањата, Македонија сепак имала најевтини деривати во регионот и покачена минимална плата без да каже дека македонската просечна плата е најниска на Балканот.

Ако се земе во предвид куповната моќ и примањата на граѓаните кои се пониски од регионот, со просечната нето плата во Македонија може да се купат само 350 литри дизел гориво.

Во Србија можат да се купат околу 409 литри, во Бугарија 456 литри, во Грција 655 литри, а во Хрватска околу 656 литри дизел гориво.

Владата неколкупати во последните четири години ги покачи и давачките кон државата кои достигнаа околу 14 денари по литар нафта.

Регулаторна комисија ја одредува цената по неколку параметри:  прво, цената на нафтата на светските берзи; второ, движењето на вредноста на доларот на светските берзи; и регулираните законски даноци, акцизи и давачки.

Првите два параметри не зависат од државата, но третиот зависи од Владата и мнозинството во Собранието.

Од 1 јули 2021 година граѓаните плаќаат повисоки давачки за 14 денари, давачки кои не зависат од светските берзи. Зголемувањата се во категориите : големопродажна маржа, малопродажна маржа, транспортни трошоци (околу три денари), на двапати зголемување на акцизата за шест денари и зголемување за еколошка такса од околу четири денари по литар.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски денеска се огласи на Фејсбук со барање од Владата да се откаже од половината од акцизата за горива.

“Поскапувањето на бензините е жесток социјален удар врз граѓаните во секој поглед, врз вработените, невработените, земјоделците, индустријата, стопанството. Не е време за изговори. Владата итно да се откаже од половина од акцизата која ја добива од горивата и да го прифати предлогот на ВМРО-ДПМНЕ кој е заглавен низ собраниските лавиринти за намалување за 50 проценти на акцизата. 43% од цената на бензините се давачки кон државата за секој литар гориво. Да се намали ДДВ за храна. Наместо 5 проценти даночна стапка за храна, да е нула проценти и бараме за парното да се намали на нула. ДДВ-то на електричната енергија до крај на годината да остане на исто ниво на 5%“, напиша Мицкоски.

Алијанса за Албанците денеска предложи мерки за ублажување на финансиските ефекти по поскапувањето на горивата во земјава. Побараа намалување на акцизата и намалување на данокот на додадена вредност – ДДВ од 18 отсто на повластена стапка од 5 отсто.

– Намалување на акцизата од 22 денари за бензинот на 15 денари, како и за дизелот од 15 денари што е моментално, на 9 денари. Намалување на данокот на додадена вредност, ДДВ, од 18 отсто на повластена стапка од 5 отсто, исто како што направија и со цената на струјата што исто така беше предлог на Алијанса за Албанците и резултираше позитивно иако првично Владата беше скептична и одбиваше. Бидејќи цените на светските берзи секојдневно се зголемуваат, ние предлагаме Владата да примени замрзнување на даноците и акцизите, на ниво на вредноста од пред една недела (28.02. 2022), значи да примени максимален лимит на цената за овие показатели, Да се намали на можниот минимум и трговската маржа од трговците на мало, истакнаа од Алијанса за Албанците.

Според премиерот Димитар Ковачевски поскапувањата биле резултат на храната и енергенските што го предизвика дисбалансот  на војната во Украина, но додаде дека земјава имала најниски цени во однос на државите во регионот.

– Кога зборуваме за синдикалната кошничка, би се вратил малку назад. Имавме синдикална потрошувачка кошничка која беше скоро 36.000 денари, а пред пет години минималната плата беше 9.000 денари. Тогаш беа потребни 4,25 минимални плати за да се покрие една потрошувачка кочничка, а сега, прв пат во истроијата на државата, со новата Одлука за зголемување на минималната плата на 18.000 денари за сите работници, со две минимални плати се покрива синдикалната потрошувачка кошничка. Точно е дека има зголемени трошоци и на храната и на енергенсите, но тоа се должи на најголемата криза што ја памти Европа во поново време – рече Ковачевски.

Но, ниту синдикалната кошничка што ја определува ССМ, а со која се пофали Ковачевски,  не дава вистинска слика за економската криза и зголемените трошоци на граѓаните. За месец февруари ССМ одредил дека на едно четиричлено семејство му се потребни 2.766 денари за превоз! Со оглед на покачените цени на горивата, овие пари не стигнуваат ниту за да се наполни еден резервоар од 50 литри, ниту да се извадат две месечни карти за автобус.

Орце Костов

фото: МИА