Своите уметничка дела, денес за прв пат пред штипската јавност ги презентираше ликовниот уметник Зоран Митревски. Станува збор за Осмомартовска ликовна изложба со наслов „Жената – вечна инспирација“ поставена во Библиотеката „Гоце Делчев“
„Сликарството треба да се доживее, да се види, да се почуствува“ е пораката на оваа изложба, вели Митревски, којшто својата уметност преточена на сликарското платно во своето прво јавно претставување и го посветува на жената.
Промотор на изложбата беше м-р Гоце Ристовски, доцент на Факултетот за театарски уметности при Универзитетот за аудио-визуелни уметности – ЕСРА.
„Сликите имаат не само боја, туку и мирис и вкус и звук. Само треба човек да се окуражи и да си даде за право да ја почуствува убавината на сликите и тие ќе му се предадат,“ кажа Ристовски .
На изложбата која што е продажна, се претставени 38 слики, поделени тематски-вода, апстрактна реалност, хипер-реализам….
Ликовната изложба беше пропратена со читање поезија. Ученици од основните и средни училишта од градот, ја сликаа жената преку поезијата, подарувајќи им ги најубавите стихови, за нејзиниот ден.