Руските вооружени сили, по барањето на францускиот претседател Емануел Макрон до рускиот лидер Владимир Путин, прогласија прекин на огнот од 10:00 часот и отворање на хуманитарни коридори за градовите Суми, Киев, Мариупол и Харков, се вели во соопштението на Меѓуресорскиот координативен штаб за хуманитарен одговор во Украина.
„Истовремено, за време на отворањето на хуманитарните коридори, вооружените сили на Руската Федерација ќе вршат континуиран објективен мониторинг на евакуацијата, вклучително и со употреба на беспилотни летала. Затоа, предупредуваме дека сите обиди на украинската страна еднаш повторно да ја измами Русија и целиот цивилизиран свет во попречување на хуманитарната операција, наводно по вина на Руската Федерација овој пат се бескорисни и бесмислени“, се вели во соопштението, објавено од РИА Новости.
Според штабот, сите информации биле донесени до соодветните структури на ОН, ОБСЕ, МКЦК и други меѓународни организации.
Објавените мапи на движење на бегалците објавени од руската новинска агенција РИА Новости покажуваат дека цивилите ќе можат да заминат во Русија и Белорусија, објави БиБиСи. Коридорот од Киев ќе води до рускиот сојузник Белорусија, а цивилите од Харков ќе имаат само коридор што води кон Русија.
Коридорите од градовите Мариупол и Суми ќе водат и до други украински градови и до Русија, пренесува новинската агенција АФП.


