Краток прекин на воените дејствија во Мариупол – ММС
ММС

Објавено на: 03/5/22 9:49 AM

Краток прекин на воените дејствија во Мариупол

На цивилите ќе им биде дозволено да го напуштат Мариупол, Украина меѓу 12:00 и 17:00 часот по московско време (10:00-13:00 часот по македонско време), соопштија градските власти.

Руското Министерство за одбрана потврди дека неговите единици престанале да пукаат и отвориле хуманитарни коридори во близина на градовите Волновака и Мариупол, кои биле опколени од руски војници.

Градоначалникот на Мариупол на полноќ се пожали дека стратешки важното пристаниште во источна Украина се уште е под опсада, „блокирано“ од руската армија и „немилосрдни“ напади.

„Во моментов бараме решенија за хуманитарните проблеми и сите можни средства за да го извлечеме Мариупол од блокадата. Наш приоритет е да спроведеме прекин на огнот за да можеме да ја обновиме виталната инфраструктура и да организираме хуманитарен коридор за храна и лекови да можат да дојдат во градот“, рече Вадим Боиченко.

Окупацијата на градот со околу 450.000 жители, на украинскиот брег во Азовското Море, би бил значаен пресврт за напредувањето на руските сили во Украина. Тоа ќе им овозможи на силите од анектираниот Крим, кои веќе ги окупираа клучните пристаништа Бердјанск и Керсон, да ги здружат силите со сепаратистичките и руските трупи во Донбас.

Во другите делови од Украина руските војници продолжуваат со големата офанзива, јави руската новинска агенција РИА, повикувајќи се на руското Министерство за одбрана.

PayPal објави дека ги суспендира своите услуги во Русија, објави Ројтерс.

Западните медиуми ги прекинуваат своите активности во Русија по усвојувањето на законот во земјата со кој се криминализира преносот на „лажни вести“ за армијата и инвазијата на Украина.