Месо ќе има и нема да поскапе, потврди министерот за Љупчо Николовски – ММС
ММС

Објавено на: 03/4/22 4:32 PM

Месо ќе има и нема да поскапе, потврди министерот за Љупчо Николовски

Месо има во доволни количини и засега нема да има промена на цената, соопштија производителите по денешната средба со министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски на која е договорено да се донесат две нови интервентни мерки за поддршка на свињарството.

Дополнителна поддршка од 1.500 денари за гоеници над 90 килограми предадени во преработувачки капацитети во периодот од феврурари до април и нова субвенција од 3.000 денари за маторица во категоризирани фарми, се двете нови мерки, вредни скоро два милиона евра. Со нив, како што потенцира министерот Николовски, се дава дополнителен стимул за развој на свињарството и уште еднаш се покажува вистинска грижа за секоја земјоделска гранка и за одржливо домашно производство.

Одгледувачите на свињи го поздравија ваквиот чекор и истакнаа дека мерките се носат навреме.

-Се надеваме дека со интервентите мерки ќе ја одржиме моментната цена и дека ќе го одржиме свињарството во добра кондиција. Мерките многу позитивно ќе влијаат во производство на свинско месо. Во моментов во целост го задоволуваме пазарот и има доволно количини. Сепак, се соочуваме со многу тешка ситуација, но цела Европа е во криза, сите производства, нагласија одгледувачите на свињи.

Според Бојан Георгиевски од здружението „Македонско прасе”, помошта е добродојдена.

-Побаравме помош поради тешката ситуација за да го одржиме производството. Многу сме благоарни за донесените мерки со кои ќе успееме да го одржиме секторот кој го снабдува пазарот со свежо месо, рече Тоде Атанасовски од Здружението „Гицко”.

На средбата присуствуваа и претставници од Аосцијацијата на зејоделци.

Како што најави министерот Николовски, попладнево ќе се одржат средби и со одгледувачите на житни култури, за дефинирање на останатите мерки.

-Ја продолжуваме праксата на вистинска грижа за секоја земјоделска гранка, за секој земјоделец, преку континуирани средби со земјоделските здруженија. Пред малку имавме состанок со здруженијата на одгледувачи на свињи на кој разговаравме за потребата од донесување на нови мерки за поддршка на свињарството и за одржување на домашното производство на свинско месо. Се договоривме преку планираната Програма за интеревентен фонд, да се обезбеди дополнителна мерка од 1.500 денари по грло за гоеници со тежина над 90 килограми предадени во преработувачки капацитети во периодот од феврурари до април. Оваа мерка е по барање на сточарите и се воведува поради падот на цените по заклано грло и покачување на цената на добиточна храна, а со цел да ги анулираме трошоците на сточарите, и да имаме одржливо производство на домашно свинско месо, изјави министерот.

Во однос на втората нова мерка, дополни, договорено е воведување преку годинашната Програма за финансиска поддршка, субвенција од 3.000 денари по маторица за категоризирани фарми.

-Корисници на оваа подмерка се сточарите кои ги исполнуваат условите за биосигурност од низок и среден ризик согласно регистарот на одгледувалишта по категорија во кој одгледувалиштата се класифицирани согласно утврден степен на ризик кој го следи АХВ, рече Николовски.

Веќе се прават, соопшти, и подготовки за нов наменски оглас за доделување државно земјоделско земјиште под закуп за сточари.

МИА