Една наплатна кабина е целосно оштетена, две соседни делумно, а уништена е и опрема на наплатната станица Кадрифаково во изградба на автопатот Штип-Миладиновци во сообраќајната несреќа што се случи изутрината откако во патарината удри и се преврте камион.
Според Јавното претпријатие за државни патишта, во незгодата е предизвикана голема материјална штета.
„Од ударот во кабината предизвикано е оштетување и на опремата на Наплатната Станица, односно на самите ленти на кои се поставени Наплатните ленти и тоа:
- Целосно оштетени 2 (две) автоматски бариери – задни рампи
- Целосно оштетени 2 (два) линиски контролери
- Оштетувања на друга поставена опрема, како држачи, столпчиња и слично
Изградбата на Наплатна станица Кадрифаково беше во завршна фаза на изведување и требаше да се пушти во употреба во април. Со причинетата штета ќе се направи непланирано одложување на пуштањето во употреба од причина што целосно оштетените делови ќе мора да се заменат со нови“, рекоа за ММС од Јавното претпријатие за државни патишта.
Оттаму апелираат до учесниците во сообраќајот да се придржуваат до посебниот режим на сообраќај на патниот правец Миладиновци-Штип воведен поради градежните работи, да ги почитуваат знаците со предупредување, поставените пластични бариери за пренасочување на сообраќајот, како и поставените сообраќајни знаци со ограничување на дозволена брзина на движење од 20 км на час.
О.К.
фото: ЈПДП