Вреќи со вештачко ѓубре стојат расфрлани околу камионот, кој се превртел, откако удрил во наплатниот пункт на патарината, која се’ уште се гради кај Кадрифаково, на автопатот Штип – Миладиновци. Незгодата се случила пред 10 часот, кога камионот веројатно при обид да го помине тесниот премин, се превртел и ја урнал бараката.
Од СВР Штип го потврдија настанот, оддавајќи дека нема повредени.
-Камион, кој се движел од Штип кон Скопје удрил во наплатната барака на патарината во изградба кај Кадрифаково. Повредени нема, возачот на камионот е добар, има само материјална штета. Причина за несреќата најверојатно е неприлагодената брзина на условите на патот, велат од СВР Штип
Патарината кај Кадрифаково е една од двете нови во изградба на автопатот Штип – Миладиновци. Работите се во тек, а на делови ограничувањето на брзината е на 40 и 20 километри на час. Возилата поминуваат по една отворена лента.
Очевидци велат дека се работи за поширок камион, кој веројатно има некои 20-30 сантиметри простор за поминување и тоа може да е причина што при мало невнимание дошло до удар во границите и превртување.
Патарините ги гради ЈП за Државни патишта, кое соопшти дека за двете патарини ќе потроши близу пет милиони евра.