Граѓаните протестираат против промена на името, додека во МАНУ се расправа за придобивките од Договорот – ММС
ММС

Објавено на: 09/11/18 12:21 PM

Граѓаните протестираат против промена на името, додека во МАНУ се расправа за придобивките од Договорот

Со прифаќањето на Договорот со Грција и последиците кои произлегуваат од него, Македонија има историска шанса – трајно да ја осигури неповредливоста на своите граници и на својот територијален интегритет, но и да ги зацементира идентитетските прашања  кои често беа предмет на оспорување. Ова денеска го истакна претседателот на Македонската академија на науките и уметностите, Таки Фити. Говорејќи на научната расправа што ја организира МАНУ, за влијанието на Договорот од Преспа, првиот академик се осврна на економските придобивки кои според него, земјава би ги имала од Договорот кој го потпишаа премиерите Заев и Ципрас.

„Во економската наука е познато дека странските директни инвеститори редовно ги избегнуваат подрачјната со некомерцијални ризици за возење бизнис.  Без НАТО и Европската унија, Република Македонија  и понатаму ќе биде перцепирана како нестабилно подрачје со сите нестабилни последици што од тоа произлегуваат, а  зачленувањето во НАТО и отпочнувањето преговори за членство во Унијата, значително ќе ја подобрат перцепцијата за земјава како поволна дестинација за водење бизнис. Доколку Македонија влезе во НАТО и ги отвори преговорите за членство во Унијата, реално е да се очекува пораст на оптимизмот и кај домашните деловни субјекти“, изјави Фити.

На денешната расправа, беше соопштено дека МАНУ ќе се консултира со експерти со цел да се утврди дали постои можност за поголема флексибилност во однос на прашањето за преименување на оваа институција согласно одредбите од Договорот од Преспа.

Премиерот Зоран Заев пак, посочи дека на претстојниот референдум, секој граѓанин ќе може според својата сопствена одлука да ги потврди промените што ќе ја одредат иднината на нашата земја. Според него, Македонија нема веќе отворени прашања со соседите, а со Договорот со Грција,  државата го потврдила и зајакнала својот индентитет.

Академик Владо Камбовски во разговор со новинарите по завршувањето на првиот дел од научната расправа „Спогодбата од Преспа: Меѓународно значење и импликација врз евроатланските интеграции на Република Македонија“ нагласи оти во Договорот јасно се дефинира каде се користи придавката.

„Таа се користи за јавните институции, чиј поим е доста широко определен, кои вршат јавни функции, но и јавните институции во сферата на културата,  образованието, науката. Ова останува евентуално предмет за натамошни разговори во духот на едно бона фиде толкување на таа одредба во однос на инстиуции кои се во независната сфера на општеството како МАНУ, поради нивното брендирање во светската, научната и културната јавност. Да можат да го задржат тоа име и придавката македонски“, рече Камбовски, нагласувајќи оти за ова прашање ќе се разговара со други научни академии.

Непосредно пред почетокот на настанот на кој се поканети и претставници од меѓународната заедница, група граѓани започнаа протест пред зградата на МАНУ.

Во  изјава за Канал 77 тие потенцираат дека се против промена на името.

  • Нашиот став е дека треба да си остане Република Македонија. Како сме биле досега, така и отсега. Не ни треба ни ЕУ ни НАТО. Некој се дрзнал да ја продава државата, а не мисли за овој народ што се сели секој ден по странство и никогаш нема да го поддржам овој Договор што го нуди Заев.
  • Се’ што носи Заев е шарлатанство. Тука сум за одбрана на името, срам ми е што живеам со него во исто време. Се’ што кажува тој се’ е лага, а нема чувство патриотско. Западот користи таков незнајко, јас би го нарекол, и носи голем срам за нашиот народ
  • Денес сме тука за бојкот и за Македонија да остане Македонија. Никако не се согласуваме со Договорот – изјавија анкетираните граѓани.

Покрај ова, некои од демонтрантите јавно истакнуваат дека ќе го бојкотираат референдумот на 30 септември.