Руските сили ја презедоа контролата над Херсон, клучниот пристанишен град во јужна Украина, објави градоначалникот Игор Коликајев.
Херсон е всушност и најголемиот град кој Русија го зазеде од почетокот на инвазијата пред една недела.
Градоначалникот на Херсон, во кој живеат повеќе од 280 илјади луѓе, на фејсбук објави дека руските војници со сила влегле во зградата на градскиот совет и вовеле полициски час за жителите од 20 до шест часот наутро.
Коликајев ги повика граѓаните да се придржуваат кон условите кои ги поставиле руските сили, кои вклучуваат излегување надвор само во групи од најмногу двајца, а влез во градот се дозволува само на автомобилите кои пренесуваат храна, лекови и други прехрамбени продукти и возат со минимална брзина.
– Вооружени гости влегоа во градскиот совет. Јас и мојот тим сме мирољубиви луѓе, немавме оружје ниту пак имаше агресија од наша страна. Немаме украински вооружени сили во градот, само цивили кои сакаат да живеат овде. Ништо не им ветив, едноставно немам што. Ме интересира само нормалниот живот во нашиот град и ги замолив да не пукаат во луѓето, напиша Коликајев.
извор: дневник