Рускиот претседател Владимир Путин изминатиот викенд изјави дека нуклеарните сили на неговата нација треба да бидат ставени во состојба на висока готовност, што ги зголеми стравувањата дека руската инвазија врз Украина може да доведе до нуклеарна ескалација.
Федерацијата на американски научници (ФАС) проценува дека Русија има 5.977 нуклеарни боеви глави, повеќе од која било друга земја. Од нив, 1.588 се распоредени и подготвени за употреба. Нејзините проектили можат да бидат истрелани од копно, со подморници и со авиони. Путин го надгледуваше координираниот тест на руските нуклеарни сили на 19 февруари, непосредно пред да нареди војници во Украина.
Еве како би функционирал синџирот на команда на Русија во случај на лансирање нуклеарно оружје:
Документ од 2020 година вели – рускиот претседател донесува одлука за употреба на нуклеарно оружје.
Мала актовка, позната како Чегет, постојано се чува блиску до претседателот, поврзувајќи го со командната и контролната мрежа на стратешките нуклеарни сили на Русија. „Чегет” не содржи копче за нуклеарно лансирање, туку ги пренесува наредбите за лансирање до централната воена команда – Генералштабот.
Рускиот Генералштаб има пристап до шифрите за лансирање и има два методи за лансирање нуклеарни боеви глави. Може да испрати кодови за овластување до поединечни команданти на оружје, кои потоа ќе ги извршат процедурите за лансирање. Постои и резервен систем, познат како Perimetr, кој му овозможува на Генералштабот директно да иницира лансирање на ракети од копно, заобиколувајќи ги сите непосредни командни пунктови.
Што значи наредбата на Путин?
Путин изминатиот викенд изјави дека нуклеарните сили на нацијата треба да бидат ставени во состојба на висока готовност. Следниот ден, руското Министерство за одбрана објави дека нејзините нуклеарни ракетни сили биле ставени на „засилена” борбена должност.
Фразата засилена или специјална борбена должност не се појавува во руската нуклеарна доктрина, оставајќи ги воените експерти збунети околу тоа што може да значи.
Павел Подвиг, висок истражувач во Институтот на Обединетите нации за истражување на разоружувањето во Женева, на Твитер објави дека наредбата можеби го активирала рускиот нуклеарен команден и контролен систем, во суштина отворајќи канали за комуникација за секоја евентуална наредба за лансирање. Алтернативно, тој рече дека тоа може да значи дека Русите додале персонал во нивните нуклеарни постројки.
Доктрината за 2020 година претставува четири сценарија кои би можеле да ја оправдаат употребата на руско нуклеарно оружје:
– употреба на нуклеарно оружје или оружје за масовно уништување против Русија или нејзините сојузници;
– податоци кои покажуваат лансирање на балистички ракети насочени кон Русија или нејзините сојузници;
– напад врз критичните владини или воени локации што би ги поткопале акциите за одговор на нуклеарните сили на земјата;
– употребата на конвенционално оружје против Русија „кога самото постоење на државата е загрозено”.
МИА