(Видео) „Помагав на бедни, сиромашни и болни“ – Даниел Кировски, единствениот македонски лекар кој ќе ги лечи украинските бегалци – ММС
ММС

Објавено на: 03/2/22 2:08 PM

(Видео) „Помагав на бедни, сиромашни и болни“ – Даниел Кировски, единствениот македонски лекар кој ќе ги лечи украинските бегалци

Не ти треба Хипократовата заклетва, со која ќе се обврзеш дека етички ќе ја извршуваш професијата, ако како човек во себе не ја носиш хуманоста и емпатијата, вели доктор Даниел Кировски (38), кој потекнува од Валандово, но помагајќи на луѓето ја прошетал Европа.

Доктор Кировски е единственото медицинско лице од Македонија, кое утрово, заедно со уште многу лекари доброволци пристигна на границата меѓу Бугарија и Романија, каде ќе помагаат на бегалците од Украина.

ММС разговараше со лекарот, кој веднаш по пристигнувањето на граничниот премин Дуранкулак ни испрати фотографии од колона бегалци, меѓу кои имаше и македонски државјани.

-Утрово пред да стасаме ние, пристигнале бегалци, меѓу кои имало и граѓани од Макаедонија. Јас не успеав да се видам со нив, но ми рекоа дека се очекуваат уште. Ние штотуку пристигнавме, сега одиме да се сместиме и ќе бидеме распоредени, ни рече д-р Кировски.

Тој вели дека над 70 лекари во групата и тоа лекари кои се по потекло од Русија, Молдавија,  Украина и други држави, кои живееле во Бугарија.

-Единствен Македонец засега сум само јас. Како што сум информиран претежно се лекари со специјалности, кои се потребни на бегалците, како итни операции, породувања, алергии, и други здравствени проблеми. Целото лекување ќе биде бесплатно за сите бегалци-пациенти. Имаме неограничени лекарства за брза помош, дијагностика, а ќе биде поставен мобилен ренген, вели тој и додава:

-Бугарија ги отвори вратите и за  украинските лекари. Од бегалците има многу што се медицинари и Бугарија им ги отвори вратите без нострификација на дипломата да  може да работат тука и да им помагаат на своите и за тоа да им биде платено, кажа тој.

Но, кој е доктор Даниел Кировски, единствениот Македонец, кој пружи рака за помош на бегалците?

Кировски е дел од организација на Националната асоцијација на доброволците, која досега собра над 70 лекари, кои бесплатно ќе прегледуваат и пружат медицинска помош на бегалците од Украина и кризните региони во бегалските центри на границата со Романија. По потекло е од Валандово, но по дипломирање на медицинскиот факултет во Софија, како и многу млади, така и тој не се вратил дома, туку тргнал по светот. Во моментов живее во Бугарија, работи како анестезиолог во болницата Пирогов. По дипломирањето, како многу голем број Македонци, така и тој извадил бугарски пасош и тргнал низ светот во својата хумана мисија. Работел во Англија, Шведска, Кипар, Кувајт, Турција, има поминато повеќе европски држави.

-Има многу Македонци кои  завршија медицина во Бугарија и останаа, не се вратија во татковината. Слободно можам да кажам дека 99 проценти се тука. Жално е што нашата држава ништо не направи за да ги врати. Жално е што нашата политика е таква, слабост на системот и затоа сите бегаат. Нашите се однесуваат како да не ги интересира ништо и кај нас за жал се е политика. А ако политиката се вмеша во медицината тоа е катастрофално и за здравјето на народот и за целиот здравствен систем.  Навистина за жал политиката има пуштено длабоки корени, а страдаат пациентите и обичниот народ. Искрено многу пациенти од Штип, од Струмица и други градови доаѓаат во Бугарија на лекување. Еден пример ќе кажам на нефункционирање на нашиот систем. Јас бев главен координатор за вакцинирањето, кога немавме вакцини нели се вакцинираше на граница. Имаше над 200 Македонци на ден на границата Делчево- Петрич, вели лекарот.

Кировски, пред да замине во хуманитарната мисија не работел само како анестезиолог во болницата Пирогов, туку имал дежурства во Брза помош, а дежурал и во други приватни клиники.

-Кога ќе се смири се, јас пак ќе заминам од Бугарија, засега не знам каде. Но, останувам да работам како анестезиолог во „Пирогов“, имам дежурства во Брза помош, а работам и на други приватни клиники. Колку што можам да издржам. А тоа го можам бидејќи лекарите во Бугарија при вработување можат да склучат два вида договори за работа, граѓански и трудов, па има можност да го прават ова. Поинаков е системот тука. Па, додека беше пандемијата на специјализантите не им требаше конкурс за да влезат во болница да помагаат, туку им беше отворена врата и за работата им беше платено три пати повеќе од кај нас, додаде тој.

Д-р Кировски сето ова го постигнал само затоа што имам бугарски пасош. А, како што вели, го извадил токму заради тоа, затоа што му ги отворил вратите кон ЕУ.

-Го извадив уште во 2004 година.  Не заради политика, јас сум отворен човек, политиката ама виоопшто не ме  интересира. Медицина и политика не одат. Ако лекар се вмеша во политика, не сметам дека може да гради лекарска кариера. Не може да лекуваш луѓе, а да бидеш политичар. Кај нас наместени се политички директори, партиски луѓе. Не може тоа така. Едноставно не оди. Кај нас моментално е тотална деградација, жално е што се случува. Жал ми е што нашите не знаат или не сакаат да си ги вратат луѓето, да си ги вратат лекарите. Не може студенти од петта и шеста година да помагаат за време на пандемија, а да не им се дадат пари. Јас имам многу искуство зад себе, во многу ситуации, но прв пат ќе работам во војни услови. Вака слично, сум бил само дел од екипи за помагање при природни катастрофи, како што се земјотресите.  Бев Измир, вели д-р Кировски.

Нему хуманоста му е врежана уште од мал и, како што вели, тој не може да биде човек без емпатија, бидејќи во таква атомосфера растел.

-Татко ми беше полицаец, а вујко ми  претседател на Црвен Крст во Валандово. Уште од средно училиште бев активен и како град Валандово освоивме  прво место на натпревар за прва помош на ниво на Македонија. Јас бев во извршен одбор на Црвен крст на Македонија и бев еден од најактивните членови.  Помагав на бедни, сиромашни, хендикепирани, уште од тогаш ми се роди желбата за моја животна професија да биде медицината, да им помагам на луѓето.  И сум помагал сите овие години на сите луѓе, без оглед на вероисповед или националност. Така остана и до ден денес, на сите гледам исто. Иако, за жал кај нас политичарите ги натераа лугето да се мразат, вели разочарано тој.

Д-р Кировски бил дел од екипата и која помагала на луѓето во стравичната автобуска несреќа во Бугарија, кога загинаа 45 луѓе.

-Прв човек, кој отиде да ги вади телата се вика Пацо, тој е главен санитар со долгогодишно искуство. Ние лекарите отидовме малку подоцна. Кога зборував со него тој плачеше. Ми кажа дека немало јагленосани тела, како што се дезинформираше. Ми рече дека никогаш во животот не му се случило да види ваква страшна глетка, а 35 години ја работи оваа работа. Ми рече како логорите на смртта. А оние што дојдоа во болница, немаше тешко повредени, вели тој.

По дипломирањето и д-р Кировски сакал да се врати во татковината, но, како што вели за жал, како и другите Македоци, сепак, не го направил тоа.

-Контактирам со многу Македонци кои се тука и навистина 99 проценти што дојдоа тука не се вратија, И јас кога дипломирав сакав да се вратам, но како да се вратам за 25.000 денари. Со каква апаратура и услови?  На кои луѓе кога половина Валандово е испразнето, избегаа луѓето и уште се празни. Доаѓам кај моите на два месеци и се повеќе и повеќе лугето заминуваат. А да се вратев не сакав да ме уценуваат политичарите. За што да се вратам? За да ме убедуваат да бидам член на политичка партија? Не, јас сум лекар и не ме интересира политика туку здравјето на луѓето. Без разлика  од која партија се, каква раса, каква боја на кожа. Страшно е да треба да земам партиска книшка за да ме стават на функција, јас тоа не можам да го издржам. Пустош е во Источна Македонија, се е иселено. Како не им е жал на политичариве не можам да разберам. А еден ден сите ќе умреме, и тие со пари и тие без пари. Два метри под земја сите ќе ни биде доволно. Јас сум  тотално разочаран од нас како нација. Бев горд Македонец, а сега?  Се имаше можност да се направи многу во здравствениот ситем, но за жал ништо, бидејќи никој не го интересира , од болни луѓе немаат профит, затоа не им е гајле, додава лекарот.

Негова гордост е искуството со работа на Роботот Да Винчи, прв на Балкан,  за безкрвна операција, а ја работел како анестезиолог во приватна клиника во Плевен. Со него се прават операции со висока точнот.

-Требаше да се купат и за нас во Македонија ама.., рече на крајот тој.

Весна Миленковска