Руското Министерство за одбрана соопшти војската го зазела јужниот украински град Херсон, административен центар на Херсонската област и економски центар со близу 290.000 жители. Херсон е важно пристаниште на Црното Море и на реката Дњепар, и дом на голема бродоградежна индустрија.
Ако градот паднал, тоа би го направило најголемиот во Украина што досега бил заземен од руските сили. Новинската агенција UNIAN објави дека ракетен напад во Харков ја погодил зградата на регионалната полиција во градот. Антон Герашенко, советник на министерот за внатрешни работи на Украина, вели дека зградата на националниот универзитет Каразин од другата страна на улицата исто така е запалена по нападот. Украински официјални лица јавија дека најмалку 21 лице загина во гранатирањето, а 112 се ранети.
Додека траат нападите на руската војска, Агенцијата за бегалци на ОН јави дека повеќе од 660.000 граѓани на Украина ја напуштиле државата. Најголемиот дел влегле во Полска, каде се проценува дека заминале 450.000 украински бегалци.
Нискобуџетната европска авиокомпанија Wizz Air објави дека ќе понуди 100.000 бесплатни места на летовите на кратки релации за украинските бегалци, кои се наоѓаат во Полска, Словачка, Унгарија и Романија, соопшти авиокомпанијата.
Во изминатите часови нафтата достигна високи вредности. Суровата нафта Брент достигна 112 долари. Повеќе светски компании најавија дека ги прекинуваат своите операции во Русија. Меѓу нив, Форд најави дека ја прекинува работата во Русија, и одлуката стапува во сила веднаш. Боинг ги прекина големите операции во Москва, исто така ги запре деловите, одржувањето и услугите за техничка поддршка за руските авиокомпании. Apple исто така ја запре продажбата на производи во Русија.
Сред засилените санкции, руските граѓани застанаа во редици пред банкоматите. Како што јавуваат светските агенции, буквално шокирани и речиси испаничени од тоа колку брзо се почувствува влијанието на војната врз економијата на нивната земја, како и врз нивните сопствени финансии, Русите се собираат во банките за да ги повлечат своите депозити деноминирани во долари, трчаат во трговските центри за да го претворат она што можат во стока за широка потрошувачка, откриваат дека не се во состојба да ги отплатат своите хипотеки, бидејќи падот на валутата го мултиплицира износот на ратата.
извор: Агенции


